Проекти од културата за 11 милиони евра, која национална установа доби најмногу средства од даночните обврзници?

by fokus

Според годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2021 година, распределени се 11 милиони евра, пари на даночните обврзници.

Распределените средства се поделени во повеќе дејности, а резултатите се објавени на официјалната страница на Министерството за култура.

Таму може да се види на која национална институција и други корисници, која сума им е одобрена. Според објавеното, највисоката одобрена сума е во износ од 20 милиони денари, односно околу 325 илјади евра, и спаѓа во музичката и музичко сценска дејност, односно е одобрена за НУ Охридско лето, Охрид, фестивал Охридско лето. Покрај Охридско лето, високи суми се одобрени за реставрација на манастири, за театарски претстави, настапи на фолклорни друштва, фолк и поп фестивали, литературни изданија и друго.

Во областа Библиотечна дејност највисока сума е одобрена за проектот Обезбедување на континуирано функционирање на библиотечно-информацискиот систем ЦОБИСС.МК и основна функционалност на Центарот ХУБ – ВБМ –пет милиони денари.

Во областа Драмска дејност- Национални установи и други корисници, највисоки суми од по 900.000 денари се одобрени за проектите:

-НУ Народен театар од Битола за ,,Баал” според Бертолд Брехт, режија Васил Христов,
НУ Театар Комедија од Скопје за ,,Грдиот” во режија на Ирена Стерјиовска,
НУ Тетовски театар од Тетово за ,,Мечката и предлогот – Осамено срце” во режија на Елмазе Нура, и за „Проклетите“ во режија на Гент Мехмети,
НУ Гостиварски театар од Гостивар, за ,,На земја” во режија на Калтрина Тефику,
НУ Центар за култура ,,Марко Цепенков” од Прилеп за ,,Декамерон” во режија на Мартин Кочовски,
НУ Центар за култура ,,Ацо Шопов” од Штип за ,,Едип, коментари” во режија на Драгана Милошевска Попова, и четири милиони денари за ЈУ Младински културен центар Скопје, за Меѓународен театарски фестивал МОТ 2021.

Во областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн највисока сума е одобрена за национални установи и други корисници, за ЈУ Универзална сала Скопје, сума од 1.625.000 денари.

Во областа на заштита на недвижно културно наследство и аудиовизулени добра највисока сума е одборена за непосредна заштита, конзервација, реставрација, санација и ревитализација на конакот во Лешочкиот манастир ,,Свети Атанасие” село Лешок, Тетово, трета фаза, во висина од 5.500.000 денари.

Во областа на интердисциплинарни проекти, највисока сума е одобрена за 3Г Контрапункт за „Крик“ – фестивал за критичка култура 06, рационалност, солидарност, критика, искуства на слободата и отпорот (Помеѓу физичката и дигиталната агора-градење на заедници на отпорот низ критичка култура) во висина од 900.000 денари.

Во областа на литературата и издавачката дејност највисока сума е одобрена за НУМ Струшки вечери на поезијата, Струга, за манифестацијата Струшки вечери на поезијата 2021 година, и тоа седум милиони денари.

Во областа на меѓународна дејност, котизации и настани во организација на Министерството за култура на РСМ за 2021 година највисока сума е одобрена за одбележување на 24-ти Мај – Свети Кирил во Рим, Италија, и тоа еден милион денари. Во истата област, за национални установи, за НУ Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ Скопје, се одобрени 2,5 милиони денари за турнеја во Канада и САД.

Во областа на музејска дејност, највисоките суми се одобрени за реализација на проект за осовременување, реконцепција и непосредна заштита на Меморијалниот музеј посветен на народниот херој Благој Јанков – Мучето, по повод 50 години меморијален музеј, и тоа сума од 700.000 денари.

Во музичката и музичко сценска дејност, највисоки суми се одобрени за НУ Охридско лето, Охрид, фестивал Охридско лето, сума од 20 милиони денари, што е и највисока одобрена сума годинава.

Во областа на фолклорна дејност, за национални и локални установи највисоки суми се одобрени за НУ Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ за „Танец под ѕвездите“, циклус три концерти на отворено, во Охрид, Битола и Струмица, износ од 1,6 милиони денари. Во истата област, за други корисни највисока сума од 1,8 милиони денари е одобрена за НУЦК Битола, за ,,51-ви Републички фестивал на народни песни и игри – Илинденски денови Битола 2021”.

Во областа Европски интеграции највисоки суми се одобрени на НУ УБ „Гоце Делчев“ Штип за „Француски учиме, македонски читаме – култура спојуваме и развиваме“, сума од 200.000 денари.

Во областа на инвестиции највисока сума е одобрена за реновирање на објектот на НУ Албански театар за деца и млади Скопје, износ од 1.573.972 денари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости