Продолжуваат протестите во Косово, прелетуваат српски авиони

by Фокус

Протестот на косовските Срби, незадоволни од распоредувањето на специјалните полициски сили на административните премини Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени регистарските таблички, трае седми ден по ред.

Ниту припадниците на специјалната полиција, ниту граѓаните собрани на протестот не се откажуваат од своите позиции.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, синоќа од Њујорк порача дека Белград е подготвен за дијалог, но очигледно дека Приштина не е.

Таа апелираше до меѓународната заедница да инсистира Приштина да започне со спроведување на договорот од Брисел, а особено формирањето на Заедницата на српски општини.

Како што соопшти РТС, два авиона од типот „орел“ и денеска прелетаа над Јариње, правејќи два круга.

Половина час пред прелетот на авионите, областа каде се распоредени косовските полициски специјалци и граѓаните кои протестираат, ги прелета и хеликоптер на КФОР.

Министерот за одбрана, Небојша Стефановиќ, и началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, започнаа со обиколка на дел од силите кои се во состојба на зголемена борбена готовност поради настаните во Јариње.

Поврзани новости