Продолжуваат протестите кај Иловица, утринава и контраблокада

by Fokus

И утрово од 5 часот на падините на планината Огражден група активисти со жив ѕид и моторни возила го блокираат патот до рудникот Иловица-Штука. Четврти ден веќе ги блокираат теренските активности на концесионерот „Еуромакс“.

Преку својата Фејсбук страница, од организацијата „Здрава котлина“ информираат дека утрово се појавил и конвој од археолози и работници на компанијата, но бил запрен, по што се повлекол.

„Денес добивме одговор од Еуромакс во форма на контраблокада од 50 диви копачи и нивните фамилии кои излегоа да не блокираат на излезот од Иловица до браната. Полицијата се распореди меѓу нас и ја контролираше ситуацијата. Во меѓувреме дојдоа градоначалниците на Ново Село и Босилово и кога ја видоа ситуацијата на терен каква е преземаа улога на медијатори. Струмичкиот градоначалник не дојде“, велат од „Здрава котлина“.

Тие бараат од Владата во најскоро време да го донесе потребното решение и согласно законите да биде одземена концесијата за рудникот. Воедно, најавија масовна мобилизација на граѓаните.

Поврзани новости