Продолжува откупот на тутунот, производителите повторно се жалат

by Fokus

Во осум часот утрово продолжи откупот на тутунот. Утре се очекува да бидат отворени сите пунктови. Но, производителите веќе се жалат на одредени нерегуларности при проценката поради што е неизвесно, како што велат, дали ќе се чека на средбата со министерот до петок, како што беше договорено, или порано ќе интервенираат.

-Пунктовите денеска се отворени, а утре ќе отворат сите. Засега, кај нас, некои од откупувачите повторно прават проблем. Ги враќаат луѓето, им го проценува тутунот како за пониска класа. Поради тоа, не сме сигурни дали ќе чекаме на средбата до петок. Ќе видиме како ќе тече откупот денеска и утре и според тоа ќе одлучиме дали можеби и порано ќе интервенираме, изјави за МИА претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнаровски.

Тутунарите кои минатата недела мирно протестираа, незадоволни од проценката и откупната цена, во петокот имаа средба со откупувачите на која присуствуваше и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа. Беше договорено протестите да бидат ставени во времено мирување, а откупот на тутунот да продолжи денеска. Ситуацијата, како што беше речено, треба да се следи наредниве пет дена, а во петок да се одржи уште една средба во ист состав.

Поврзани новости