Продолжен рокот за мислења и забелешки до АЕК за издавање одобренија за 5Г

by Fokus

До 20 април е продолжен рокот во којшто до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) може да се достават мислења и забалешки од заинтерсираните страни во врска со издавање одобренија за користење радиофрекфенции за 5Г технологијата.

Според АЕК, рокот што првично беше предвиден до 6. следниот месец, се продолжува поради важноста за успешна имплементација на 5Г во државава, откако барања за продлжување доставиле двата мобилни оператора Македонски Телеком и А1 Македонија.

Македонски Телеком побарале продлжен рок за мислење и забелешки до 15 април,  а А1 Македонија, пак, до 20 април.

-Земајќи ја во предвид важноста за успешна имплементација на 5Г во Македонија, Агенцијата за електронски комуникации го продолжува рокот за достава на мислења и забелешки најдоцна до 20.04.2020 година, стои во објавата на веб страницата на АЕК.

Како што најави неодамна директорот на АЕК Сашо Димитријоски, до крајот на годинава АЕК ќе ги објави тендерите за 5G спектрите и потоа останува на операторите кога ќе бидат подготвени да стартуваат со примената.

Новата 5Г технологија треба да овозможи значително поголема брзина на податочните услуги, промени во начинот на користење интернет, нови продукти од мобилните мрежи на операторите, намалување на бројот на подрачја на кои не постои можност за широкопојасен пристап.

Проценките на АЕК се дека за примената на 5G ќе треба да се зголеми бројот на базни станици за десет до 100 пати повеќе од постоечкиот, но, како што истакна Димитријоски, нема потреба од загриженост дека новите технологии се штетни ниту отпор кај граѓаните затоа што таквите тврдења биле шпекулации.

АЕК врши мерења на сите базни станици на електронските оператори во државата и со проектот што ќе трае до крајот на  годинава ќе се види од секоја точка на секој предавател на операторите колкави се зрачењата. Новите технологии не можеме да ги спречиме, можеме само да ја олесниме нивната примена и на некој начин да им укажеме на граѓаните со видливи и мерливи резултати што значи таа нова технологија и дали и колку таа влијае на човековото здравје, порача Димитријоски.

Македонски Телеком во ноември лани во центарот на главниот град изврши тестирање на 5G на фрекфенции што ги побара од АЕК за времено користење.

Според Европскиот акциски план за имплементирање на 5G, најмалку еден голем град ќе треба да биде покриен со 5G сигнал до крајот на годинава, а потоа сите урбани средини и главни патни правци да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал до крајот на 2025.

Поврзани новости