Прочистувачите на воздух одат како алва во Скопје: Ако си богат, ќе дишеш чист воздух дома!

by fokus

Скопјаните со подлабок џеб си купија прочистувачи на воздух, откако веќе подолг период загадувањето во градот е високо над нормалата.

Уредите кои служат за навлажнување на воздухот, истовремено ги прочистуваат сите алергени како прашина и бактерии, и го збогатуваат воздухот со негативни јони, се продаваат на неколку локации во градот, а одредени брендови веќе неколку дена ги нема на залиха. Од продажните центри ни кажаа дека ги очекуваат повторно од наредната недела, а интересот за нив бил доста зголемен.

„Се работи за јапонска технологија, воздушен филтер кој го прочистува воздухот, го навлажнува, и е доста погоден овој период. Уредите ни се трошат константно, најчесто поради греењето во домаќинствата во зима, кога воздухот е сув. Многу се економични, трошат енергија колку една сијалица. Овој период се доста барани, затоа и ги немаме моментално на залиха, но наскоро пак ќе ги добиеме“ – ни појаснија во еден од продажните салони.

Уредот кој деновиве се трошел како алва, е со цена од 350, па се до над 1.000 евра. Има разни видови, во зависност од големината на површината за која се наменети. Така на пример, за простор од околу 40 метри квадратни, се нудат прочистувачи по цена од 400 евра, за простор од 30 метри квадратни изнесуваат околу 350 евра, а за простории од 65 до 100 метри квадратни се продаваат по цена од околу 1.100 евра.

Уредите прочистувале од ПМ честички, редуцирале чад од цигари, разни мириси, хемикалии, бактерии и вируси.

Вики Клинчарова

Поврзани новости