Проблемот со корупцијата присутен, потребни се суштински, а не реформи на хартија

by Fokus

Проблемот со корупцијата е присутен и претстои уште многу работа од сите чинители во општеството. Потребни се суштински реформи, а не реформи на хартија, согласни се и политичарите и институциите надлежни за борба против корупцијата. Отворена поддршка за борба против корупцијата упати и меѓународната заедница.

Според претседателот на државата Стево Пендаровски, лоши сме во борбата против корупцијата и немаме капацитет за ветинг.

Правосудниот систем во земјава, оценува Пендаровски, испорачува слаби резултати, но, не е само тој надлежен за борбата против корупцијата.

-Нашето однесување, на политичарите на локално и централно ниво во однос на непотизам, тендери, наддавање, е примарен генератор за корупцијата да биде на вакви размери. За волја на вистината, перцепцијата за корупцијата е прилично поправена како оценка, но не е доволно и во западно-балкански рамки. Треба да бидеме најдобри во Западен Балкан и да почнеме да се мериме со европскиот просек. Далеку сме од просекот, посочува Пендаровски.

Од Владата велат дека владеењето на правото, независноста на судството и неселективната борба против криминалот и корупцијата остануваат стратешки приоритет.

– Сите чинители подеднакво во рамките на своите ингеренции треба да дадат свој придонес во решавањето на ова крупно прашање, напиша вчера премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил по повод Меѓународниот ден на борба против корупцијата.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска вели дека мора отворено да се разговара за слабостите на системот и дека не ни се потребни реформи на хартија, туку суштински реформи кои ќе значат исполнување на стандардите за членство во Европската Унија и кои ќе овозможат позитивни промени за граѓаните.

– Не е доволно само формално да се залагаме или само на хартија да ги исполниме стандардите на Европската Унија, т уку суштински во нашето општество да ги втемелиме вредностите на ЕУ – почитување на човековите права, демократија, владеење на правото и функционална пазарна економија. Владеењето на правото не можеме да го постигнеме доколку имаме селективна правда, доколку немаме ефикасна и неселективна борба против корупцијата, доколку имаме нефункционален систем, доколку имаме судски спогодби, одлуки полни со сомнеж и без никаква транспарентност, истакна Грковска на состанокот што вчера во Владата беше организиран по повод Меѓународниот ден на борба против корупцијата.

Одговорноста од неуспесите, според Грковска, веќе не смее да биде колективна.
-Досегашното искуство покажа дека доколку прецизно не се адресира одговорноста, невозможна е промена. Она на што мораме сите да работиме е промена на свеста. Мора да сфатиме дека ние сме тука за граѓаните и за нив работиме. Принципите на добро владеење, транспарентност, отчетност, одговорност, професионалност и ефикасност мора да бидат имплементирани во сите институции. Граѓаните мора да имаат доверба во институциите, а институциите да испорачуваат ефикасни и брзи услуги. Сето тоа ќе ги намали ризиците од корупција, нагласи вчера Грковска.

Министерот за правда Никола Тупанчевски вели дека борбата против корупцијата е општествено прашање и дека зависи од интегритетот на сите чинители во општеството.

–  Граѓаните на нашата држава заслужуваат ефикасни институции со интегритет и владење на правото, напиша Тупанчевски во објава по повод Меѓународниот ден на борба против корупцијата.

Според вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, борбата против организираниот криминал и корупцијата и напредокот на патот кон Европската Унија се два меѓусебно зависни процеси.

– Пред нас е голем предизвик за успешно да ги затвориме преговорите со ЕУ и шанса која не смееме да ја пропуштиме. Корупцијата треба да ја гледаме како точка на обединување на секој граѓанин, на сите институции со пристап кој ќе биде инклузивен во нејзиното искоренување, нагласи Маричиќ на состанокот во Владата.

Од меѓународната заедница со пораки дека земјата мора да избере дали сака да се движи напред или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренат во општествените текови.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, најважно е земјата да се бори со корупцијата преку државните институции. Тие, како што вели, мора да дејствуваат и да го намалат просторот за корупција.

– Тоа значи преку закони и кодекси на однесување, стимулации за промоција на услугите и сериозни санкции за коруптивното однесување. Тоа значи спроведување. Тоа значи, кога некој незаконски ќе заземе некое земјиште и ќе гради, обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо без разлика кој е тој човек и колку и да е влијателен, колку и да е поврзан, изјави вчера Гир.

И според амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава Метју Лосон, клучно е Северна Македонија да се справи со корупцијата.

-Неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во Северна Македонија се влошува, а не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Обединетото кралство ја поддржува Северна Македонија. Апсолутно е клучно справувањето со тоа, напиша Лосон на Твитер.

За Државната комисија за спречување на корупцијата, разочарувачки е што несериозно биле сфатени сите укажувања и препораки добиени од странските фактори.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на вчерашниот брифинг по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата порача дека како сериозен кандидат за влез во Европската Унија, Северна Македонија има проблем со правосудниот систем и потребно е да го реши тој проблем, а Американците го поддржуваат тоа.

– Тие ни даваат на некој начин поттик и помош да го надминеме тој проблем и полесно да зачекориме кон европскиот пат, вели Ивановска.

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер пред неколку дена објави дека американски тим доаѓа во државава за поагресивно да се истражи корупцијата кај поранешни и актуелни функционери.

– На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот, напиша амбасадорката Агелер пред неколку дена на Твитер .

Поврзани новости