Неколку лица се приведени во село Ерџелија поради сомнение дека се вмешани во изборен поткуп. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, денеска во 6 часот полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи и полициската станица при ОВР Свети Николе во содејство со полициски службеници од СВР Штип при Бирото за јавна безбедност извршиле претрес кај четири лица од Ерџелија.
„Кај лицата З.З. и И.В. биле пронајдени 4.000 денари и пропаганден материјал од политичката партија, додека кај неговите родители со кои живее во заедница биле пронајдени 60.000 денари во апоени по 2.000 денари, кај лицето Д.В. се пронајдени 3.500 евра и пропаганден материјал од политичка партија и кај лицето С.И. се пронајдени 10.000 денари и пропаганден материјал на политичка партија“, велат од МВР.
Инаку, при претрес на едно возило паркирано во двор на С.И., сопственост на лицето Б.Т. исто така од Ерџелија, е пронајден список со 20 лица.
„Во врска со пронајдениот список, повикано е лицето Б.Т. кој во разговор признал дека во месец мај од страна на СВР Штип му била поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик, по што истиот се обратил кај С.И., а тој му ветил дека ќе му помогне доколку обезбеди 20 гласачи за политичката партија. По ова ветување, Б.Т. направил список, разговарал со лицата од списокот и ги убедил истите да гласаат за партија и на тој начин да му помогнат да не оди во затвор. По ова, Б.Т. заедно со С.И. списокот на потенцијалните гласачи го предале во политичката партија“, велат од МВР.
По консултација со ОЈО Свети Николе, дадени насоки за лишување од слобода на сите наведени лица, да се изврши разговор со сите лица на списокот, како и со други лица кои се поврзани со наведените, како и да се провери потеклото на парите и на пропагандниот материјал.