Приведени над 300 лица на протестите во Турција

by Fokus

Приведени се 343 лица на протестите одржани синоќа во повеќе градови во Турција поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој воедно е главен ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Демонстрации се одржаа во десетина градови, вклучувајќи ги Истанбул и престолнината Анкара.

Турското МВР соопшти дека приведувањата се направени за да се спречат „нарушувања на јавниот ред“ и предупреди дека властите нема да толерираат хаос и провокации.

Демонстрациите започнаа во средата кога Имамоглу беше приведен под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, заедно со уште 103 други осомничени. Тој се смета и за сигурен кандидат на главната опозициска Народна републиканска партија (НРП) за претседателските избори во 2028 година.

Опозициската партија НРП го оцени случајот како политички мотивиран и повика на мирни протести и покрај забраната на властите за одржување јавни собири.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја и министерот за правда Јилмаз Тунч го осудија повикот за протести и го опишаа како неодговорен. Според министерот Јерликаја демонстрантите сакаат да го нарушат јавниот ред и да предизвикаат хаос.

Имамоглу, пак, ги пофали протестите за кои рече дека се насочени кон заштита на демократијата. Се очекува тој денеска да даде исказ во полицијата во Истанбул каде што е задржан од средата, а потоа да биде изведен пред суд.

Поврзани новости