Приватните превозници ќе се вратат на улиците, на повидок договор со Арсовска

by fokus

Приватните превозници по денешната средба со градоначалнилката на Скопје Данела Арсовска најавија дека многу бргу ќе се вратат да сообраќаат по скопските улици. Како што изјавија нивните претставници, на средбата добиле совети и препораки како да се реформираат, официјален договор се уште нема, а по меѓусебна координација неделава ќе имаат нова средба со Арсовска.

Изразија задоволство од средбата со градоначалничката и најавија дека ги послушаат советите што им се дадени за да се вратат повторно да ја извршуваат својата работа во скопските улици.

– Средбата помина во најдобар ред. Останува сега на нас превозниците да најдеме решение да се реформираме на одреден начин, да ги послушаме советите што ни се дадени за да се вратиме на скопските улици. Сите препораки беа во насока дека ќе се модеризира јавниот превоз во градот Скопје и ние ќе бидеме вклучени во тој дел, но се зависи и од нас. Ние треба да ги послушаме советите, ќе ги послушаме и ќе се вратиме за многу брзо на скопските улици, изјави Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници.

Тој дополни дека официјално не е ништо договорено, но оти им се дадени насоки и треба да се координираат со колегите за деталите од средбата, но се е позитивно.

– Оваа недела ќе имаме најмалку уште еден состанок да ги прецизираме сите работи затоа што ние сме ново координативно тело, треба ова да им го пренесеме на колегите. Но, се е позитивно. Штом нам ни одговара ќе одговара и за колегите, рече Зафировски.

Се уште немаат точен датум кога ќе се вратат пак на возниот ред во Град Скопје но велат дека имаат надеж во следните средби и оти тоа ќе се случи многу брзо.

-Кон нас приватните превозници градот Скопје нема долг. ЈСП има долг. ЈСП треба да го плати тој долг, така што да почекаме да видиме што ќе се случува понатаму.

Поврзани новости