Притвор за момчињата кои со палки претепаа две лица во центарот на Гостивар

by fokus

Три момчиња завршија во 30-дневен притвор, а две во куќен притвор, во врска со инцидентот од 14-ти ноември кога претепаа две лица на улицата „Браќа Ѓиновски“ во центарот на Гостивар. Сите петмина се товарат за кривично дело насилство.

Како што велат од обвинителство мотивот за нападот е предмет на натамошно утврдување во истражна постапка која ја води надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар.

„Имајќи ги предвид видот и тежината на стореното кривично дело, јавниот обвинител до Основниот суд Гостивар достави Предлог за определување на мерката притвор за сите петмина осомничени. Судот со решение го прифати предлогот на обвинителството, по што на тројца од осомничените им определи притвор во времетраење од 30 дена, а на двајца од осомничените им определи куќен притвор. Надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска го обжали донесеното Решение на судот, во делот на определената мерка куќен притвор“, соопштија од Обвинителство.​

Како што претходно информираше полицијата, настанот се случил околу 14 часот, на улица „Браќа Ѓиновски“ каде физички биле нападнати 49-годишниот Б.Н. и 24-годишниот Р.М. од гостиварското село Ѓурѓевиште.  Ги нападнале неколку лица, кои употребиле и дрвени палки.

„Повредените Б.Н. и Р.М. пренесени се во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. По укажаната лекарска помош, Б.Н. префрлен е на скопските клиники, а Р.М. е пуштен на домашно лекување. Набрзо, идентификувани и лишени се од слобода пет лица од Ѓурѓевиште кои се сомничат дека учествувале во физичкиот напад: Р.И., Б.И., И.М. , С.И. и Д.И. на возраст од 18 до 28 години.“, соопшти СВР.

Поврзани новости