Пристигнаа нови возила на Итна медицинска помош

by Fokus

Во текот на вчерашниот ден заврши постапката за набавка на нови возила за Итната медицинска помош. Набавивме 12 нови возила кои ќе бидат распределени насекаде низ државата. Капацитетот на Брза помош во Скопје ќе се дуплира, на досегашните шест возила ќе додадеме уште шест и на тој начин веќе се приближуваме до просекот што го бара Светската здравствена организација (СЗО), за едно возило на 50.000 жители. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

– Со јавната, транспарентна и отворена опостапка направивме огромна заштеда во целокупниот буџет од 500.000 евра заштедивме дури 200.000 евра. Тие ќе ги искористиме за некоја друга намена – за набавка на рендген цевки, нешто што се изнуди како итност во овие последни денови кога неколку градови низ државата останаа без апарат за компјутерска томографија, рече Филипче.

Тој информира дека работат на развивање модел за едукација на докторите кои работат во Брза помош со една едукативна институција од Израел. Целиот проект е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој и се очекува до крајот на годината процесот на тренинг со имплементација на нови методи, кои ги нема во нашата земја, ќе бидат имплементирани. Докторите кои работат во итната помош ќе пружат и дополнителен, поинаков вид на услуга на самото место со што, како што рече, ќе се скрати времето на транспорт и значајно може да се намали степенот на последици кои настанува за време на транспортот на овие итни случаи.

Филипче информира дека за истото ниво на здравствена заштита разговарале и со претставници на Светска банка.

– Во различни региони се соочуваме со различни предизвици, некаде нема доктори, бидејќи се блиску до пензија или веќе се пензионирани, а во источна Македонија без примарни доктори, рече Филипче. Најави дека заедно со Светска банка ќе работат на имплементација на модел кој значајно ќе го зајакне ова ниво на здравствена заштита.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека одвоиле дополнителна сума средства преку ФЗОМ за вработување на 40 доктори во Здравствениот дом во Скопје кои ќе бидат распределени таму каде што се најпотребни, а тоа е Итна помош. Со ова исто така бројот на тимови се зголемува.

Поврзани новости