Пристигнаа 5.100 дози од вакцината во Кавадарци, започна масовната имунизација во регионот

by fokus

Во тек на вчерашниот ден во спортската сала ,,Јасмин” во Кавадарци пристигнаа вакцините со кои денес започна масовната вакцинација.
Станува збор за 5.100 дози, кои според зборовите на директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев се доволни за наредните пет дена за вакцинирање, со оглед на тоа што на вакциналните пунктови во Кавадарци ќе се вакцинираат граѓаните од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Велес, Гевгелија, Дојран, Богданци…

-Имавме предавања од стручни лица и сите вработени во болницата кои ќе вакцинираат овде, односно лекари, медицински сестри, администрација која е на испомош од локалната самоуправа и волонтери, сите беа на обука, подготвени сме целосно за овој процес- изјави д-р Коцев.

Вакцинирањето започна денес, во 10 часот и ќе трае до 20 часот. Наредните денови, вакцинирањето ќе се одвива од осум часот до 20 часот. Вклучен е медицински кадар и од болниците од Неготино и Велес.
Закажувањето оди преку официјалната страница за вакцинирање, а не преку матичен лекар.

-Ова е начин да се стави крај на ковид кризата. Ги повикувам сите граѓани да се пријават на страницата за вакцинација, според старосните групи, веднаш штом дојдат на ред ќе бидат повикани-порача д-р Коцев.

Тој им се заблагодари на градоначалникот Митко Јанчев и на локалната самоуправа кои помогнале вакциналните пунктови и комплетната организација во салата ,,Јасмин” да бидат на високо ниво.

Вики Клинчарова

Поврзани новости