Прислушувањето како психопатски чин

by Фокус 14:25
14:25

Од Хаџи ефенди Сулејман Реџепи

Деновиве, граѓаните на Македонија се обземени од  еден страшен кошмар. Потресена е  и пошироката јавност, меѓународниот фактор. „Бомбите“ на Заев, како и „Пучот“ на Груевски, два случаи, кои можат да го закопаат датумот на Македонија. Нормално, до овој момент, поголемиот дел од граѓаните од земјата покажуваат висока граѓанска одмереност и одбиваат да бидат цел на партиски сценарија, иако, рака на срце, живо се заинтересирани да знаат во детали што сѐ се  прислушувало од „Големиот брат“! Нормално, овој „Брат“ има прислушувано и понатаму сѐ ќе прислушува! Не дека има потреба од тоа, но, едноставно, ова е неговата најпретпочитана метода за да ја докаже моќта и силата врз граѓаните на една земја, особено врз „непослушните“, врз „нелојалните“, врз „бунтовниците против власта“! Оваа намера (значи,  прислушувањето, не како чин сам по себе) изгледа како да е најстраотната, бидејќи поттикнува на комунизам, тоталитаризам и на партиски расизам.

- Advertisements -

Што значи прислушување во контекст на кривична постапка?! Како ја дефинира меѓународното право оваа појава и кој е ставот на исламот за прислушувањето како клуч на озборувањето?

Во Благородниот Куран се вели:И седеа покрај него, во прикладни места за да слушнат нешто, но тој што сега прислушува, ќе наиде на огнени стрелки во заседа. (El-Xhinn, 9) Несомнено, овој ајет од Куранот потврдува дека прислушуваниот секогаш ја ужива заштитата на својот Создател. А тие што прислушуваат? Само Семоќниот Алах може да ги помилува!

Во правен контекст, прислушувањето е средство за истражување докази! Значи, преку прислушувањето, соодветните органи се обидуваат да ги разоткријат делата и кривичните постапки на одредена личност, на една група, на една криминална, терористичка организираност или, едноставно, на еден субјект опасен за општеството и за државата, набљудувани веќе подолго време. Во овој случај, прислушувањето се врши со посебно одобрение од истражните органи. Покрај приватно извршените прислушувања кои не може да се користат како доказ, исто така, ни прислушувањата извршени со посебно одобрение од соодветните органи не претставуваат никаков правен доказ, бидејќи не се опфатени во правните докази, туку во средствата за истражување на доказите.

Оттука, се поставува прашањето: кого прислушуваа обвинетите од СДСМ (Никола Груевски и Сашо Мијалков, обвинетата двојка од македонската опозиција за прислушување) и зошто прислушуваа? Зошто прислушуваа над 20 илјади лица? Македонија била ризикувана од 20 илјади криминалци, терористи, бандити, пучисти, разурнувачи на демократските вредности? Само овие квалификувања можат да ја правдаат прислушуваноста, во спротивно, се потврдува констатацијата дека станува збор за психопатски чин!

Лидерот на македонската опозиција, во повеќе наврати има подвлечено дека цел на прислушување била и ИВЗ на РМ, односно функционерите на оваа највисока верска институција! Се прашувам:  како изгледаме пред очите на оваа двојка, обвинета од македонската опозиција? Која е причината што ги принудила да нѐ следат! Каква опасност претставува ИВЗ за Република Македонија и за граѓаните немуслимани? Или едноставно, целта била да се шири паника дека муслиманите од земјата се поттикнувачи на меѓуетничката омраза, слично како што деновиве беа објавени резултати од една спроведена анкета од страна на двајца македонски професори (според оваа анкета, над дваесет проценти од анкетираните Македонци се убедени дека во земјата се практикува поттикот на меѓуверска омраза, додека нула проценти од Албанците го споделуваат исто мислење).

За миг да застанеме и да претпоставиме дека прислушувањето во Македонија се извршило (може уште се врши?!) како предупредувачка мерка против „една опасна појава за кое имало навестувања од некои претходни информации“! Кој бил резултатот на овие прислушувања! Каква опасност претставува разговорот на еден политичар со своето 5-6 годишно дете? Каква опасност може да претставува интимниот разговор на еден политичар со својата сопруга или со некоја љубовница? Каква опасност може да претставува интимниот разговор на сопружниците во кревет пред спиење? На крајот на краиштата, каква опасност може да претставува разговорот на најблиските соработници на водачите на власта? Јасно дека, во случај кога средството за доказ, значи, прислушувањето не го постигнува законскиот успех над некоја скриена појава како потенцијална опасност за општеството, туку достигнува загрозување на основните права на човекот, тогаш се работи за владино средство за подигнување механизам на притисок и страв над секој што не се потчинува на желбите на „Големиот брат“.

Во случајов, ова е криминал и според овој криминал отпаѓаат сите обвинувања за „пуч“ или за соработка со меѓународните тајни служби. Комуникацијата преку телефонирања или преписка е човечко дејствување преку кое луѓето одржуваат љубовни врски, професионални, семејни, бизнис, соработка меѓу себе. Тоа е природно право што се раѓа со самиот човек и вмешаноста без причина во ова право е противчовечки чин, непростлив криминал. Тие што простуваат, тие се наследници на менталитетот, едноумието, на крвта, на генот како преносител на наследните карактеристики на „Големиот брат“!

Доверливоста на комуникацијата е опфатена речиси во сите европски-меѓународни конвенции за човекови права. Член 8 од Европска конвенција за човекови права вели:Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Јавната власт не може да влијае при остварувањето на ова право, освен до степен предвиден со закон и доколку е тоа неопходно во едно демократско општество во интерес на јавната сигурност, за заштита на јавниот ред, на здравјето или моралот, или за заштита на правата и слободите на другите.

Член  12 на Универзалната декларација за човекови права во оваа насока е дури порешителен. Според овој член,  никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту, пак, на напади врз неговата чест и углед. Секој обесправен од такви вмешувања има апсолутно правна  заштита од овие напади (прислушувањето како мешање во приватноста се смета за напад).

Додека во Член  17 на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права се вели: Никој не треба да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во семејството, во домот или преписката, ниту треба да се нанесат незаконити повреди на  неговата чест или углед. Секое лице има право на законска заштита  против ваквите мешања или повреди.

Значи, сите конвенции, декларации и разни меѓународни акти строго го санкционираат прислушувањето (дури го оценуваат и како напад“).

Да наведеме еден случај што се случил во септември 1978 година со кој се соочи Европскиот суд за човекови права. Станува збор за Случајот Кlass и другите против Германија. Oва е прв случај со кој се соочи ЕСЧП и типичен пример кој зборува за апсолутните човекови права во однос на прислушувањето. Во тоа време германската власт имаше дадено налог за прислушување на телефонските повици, со цел спречување криминал врз внатрешната и надворешната безбедност на Германија. Петмина германски државјани (на поранешна Западна Германија) претендираа дека биле жртви на прислушувањата извршени од германската држава со цел внатрешна безбедност. По разгледување на приговорот, Европскиот суд нагласува во својата одлука дека следењето на телефонските повици во склоп на делокругот на правото на приватност може да се изврши само кога има цврсти докази  против лицата што вршат или се спремаат да извршат тежок криминал.

Во овој контекст, ИВЗ во РМ, но и јас како предводник на муслиманите во земјата, со право инсистираме да разбереме какви тешки злодела сме подготвиле против општеството, уставниот ред или против државата? Секако дека одговорот ќе го бараме во органите на правдата, било тоа во органите кои изгледа се контролирани од актуелната власт, било од судствата што ќе се рекомпонираат или, пак, (зошто да не?!) од меѓународните судови. Првенствено, длабоко сме убедени дека прислушувањето на ИВЗ и на нашите луѓе е извршено поради два мотива: да се наиде на некој евентуален елемент преку кој би се уцениле или, едноставно, од мотивот последица на психичките нарушувања! И во двата случаи, според наша пресметка, оваа власт го губи кредибилитетот за водство, не е достојна да води држава, и како таква, треба да се повлече преку јавно извинување и преку изразување мажествена готовност да се соочи со законските санкционирања за незаконските прислушувања.

Судејќи според исламски аспект, можеби треба да се прекине секаква соработка со субјектот кој е во состојба „да го изеде месото од својот умрен брат“.

Спроведувачите на прислушувањето секако дека се во улогата на современиот шпион, додека нарачателите на прислушувањето на приватноста имаат две цели: да рашират што повеќе информации за озборувањата на противникот со цел негово усрамување и уценување. Прислушувањето и озборувањето го достигнуваат чинот на некро-ханибализмот! Застрашувачко. Тешко на општеството со оваа категорија на луѓе.

Во ајетот 12 од сурето El-Huxhurat се вели: „Вие што поверувавте! Избегнувајте многу сомневања, затоа што, навистина, некои сомнежи се грев. Не шпионирајте се и не прислушувајте се еден со друг! Да не сака некој од вас да го изеде месото на својот умрен брат?! Сигурно дека вие го презирате тоа! Имајте страв од Алах..“

(Aвторот е поглавар на ИВЗ во РМ)

Поврзани новости