Принцот Лека Зогу можен иден шеф на албанската држава

by fokus

Телевизијата Топ чанел објави „изненадувачка вест“ за можноста околу тоа кој би можел да биде следниот албански претседател, а кој има поддршка од меѓународните претставници.

– Станува збор за принцот Лека Зогу помладиот, кој оствари средба со американските претставници Филип Рикер и Јури Ким. Соодветно на тоа, името на принцот треба да се земе предвид поради поддршката што ја ужива кај меѓународната заедница. Тука секако и најавената можност дека од меѓународните претставници може да дојде некое име, наведува телевизијата.

Медиумот објави дека при престојот во Тирана на 4 јули минатата година, поранешниот заменик-помошник државен секретар на САД, денес амбасадор во Лондон, Филип Рикер, освен со премиерот Еди Рама и тогашниот лидер на опозицските демократи, Љуљзим Баша, бил и во резиденцијата на Лека Зогу помладиот.

– Тоа беше првпат еден висок американски функционер јавно да се сретне со наследникот на поранешната албанска монархија, школуван во Велика Британија на кралската академија Ројал Милитари Академи, со високи оценки. Средбата на Рикер и амбасадорката Ким со Принц Лека, или Лека Зогу јуниор со цивилно име, траеше неколку часа, но не се соопштени детали за што разговарале, додава телевизијата.

Според истиот извор, тој на 25 март го прославил 40-от роденден и во последно време почнал да биде многу активен на социјалните мрежи.

– Одличен студент во Лондон, на возраст која според Уставот може да биде претседател, чиста личност која не е вмешана во транзицискиот период во земјата, ги исполнува ли сите услови за да стане татко на нацијата, без политички интерес или крал со претседателска круна? Кој знае што размислуваат Рама или Американците, заклучува Топ чанел.

Поврзани новости