Принцот Хари може да ја изгуби американската виза поради употреба на дрога

by Fokus

Признанието на британскиот принц Хари дека во минатото користел дрога, може да ја загрози неговата американска виза и престојот во САД, тврди американскиот адвокат и поранешен федерален обвинител Неама Рахмани.

Како што пишува „Дејли мејл“, принцот во своите мемоари признава дека земал кокаин, марихуана и халуциногени печурки. Конзервативната тинк-тенк фондација „Херитиџ“ од Вашингтон сега се обидува да открие дали принцот тоа го правел во времето на поднесувањето барање за виза.

Американските закони се строги кога станува збор за лажна изјава пред Службата за имиграција, а лице фатено во лага може да биде и депортирано, или да му се ускрати следната можност да аплицира за американско државјанство.

„Признавањето на лицето дека земало дрога обично е основа за одбивање на барањето за виза. Тоа значи, на принцот Хари не требало да му биде издадена виза, а ако му е издадена, таа треба да биде укината. Нема исклучоци, без разлика дали е член на британското кралско семејство и дали се работи за рекреативна употреба на дрога“, рече Неама Рахмани.

Но, адвокатот за имиграција Сем Адејр верува дека признанието на принцот веројатно нема да биде проблем, бидејќи тој не е осуден за поседување или користење дрога. Адвокатот Џејмс Леонард додава дека тврдењето на војводата од Сасекс дека „експериментирал со дрога во младоста“ нема да биде доволно за да се обезбеди натамошна истрага за неговото тврдење.

Поврзани новости