Прилепскиот градоначалник Јованоски: Не можам да седам настрана, ќе бидам среќен ако спасам макар и еден човек!

by Fokus

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски пред две седмици излезе со одлука, тој, како медицинско лице, да волонтира во Инфективното одделение во болницата „Борка Талески“ во неговиот град.

Тој потег наиде на поздравување од јавноста, а Јованоски во интервју за „Фокус“ раскажа со што се соочува додека е рамо до рамо со здравствените работници од општата болница во Прилеп.

Состојбата во општата болница  во Прилеп, не беше многу поразлична од состојбите во кои се наоѓаат болниците во градовите каде бројот на инфицирани со корона вирусот е најголем. Тоа пред се’ значи исполнет капацитет на Инфективното одделение и потреба од поголем број на болнички кревети, недостиг од медицински персонал, преоптовареност и замор кај здравствените работници. Сето тоа внесуваше нервоза и кај пациентите, но и кај вработените во болницата. Одделението за уво, нос и грло, очното дел од интерното и гинеколошкото одделение ги претворивме во Ковид центри, со што за повеќе од двојно го зголемивме бројот на кревети“, вели Јованоски.

Неговото работно време започнува од седум часот наутро, а Јованоски знае да заглави во заштитна опрема, помагајќи на колегите и до пред полноќ.

Работам се’ што им е потребно на колегите од Инфективното одделение. Околу 10 часот заминувам во општината, каде редовно одржувам координација со најблиските соработници. Во кабинетот останувам до крајот на работното време, или додека за тоа има потреба. Околу 19 часот повторно го облекувам скафандерот и се ставам во функција на потребите на Инфективното одделение. Ако добро се испланира времето, ако се има љубов кон работата и ако постои искрена желба да им се помогне на граѓаните, особено сега, во овие тешки времиња, со малку поголем напор се стигнува да се завршат двете работи“, додава тој.

Болницата во Прилеп се соочува со недостаток на медицински кадар, што е сериозен проблем во време на пандемија. Сепак, Јованоски вели дека се прави се што е во нивна моќ, за да се спречи ширењето на корона вирусот.

Знаеме каков беше односот на претходната власт кон здравствениот систем, на каков начин докторите и медицинските сестри беа девалвирани и понижувани, што резултираше со нивни егзодус во западноевропските земји. Сакам да им искажам огромна благодарност на севкупниот медицински персонал, на сите здравствени работници не само од Општата болница, туку и од Здравствениот дом, службата за Итна медицинска помош, од Центарот за јавно здравје, за нивната макотрпна и несебична работа, за нивниот огромен труд и натчовечки напор во справувањето со пандемијата. Тие навистина се херои и гордост на нашата земја“, посочи градоначалникот Јованоски.

Освен од јавноста, одлуката за тој да го облече белиот мантил и да се вклучи во борбата со корона вирусот наишла на охрабрувачки реакции и од самите вработени, но и од пациентите.

Можеби за некого е невообичаено еден избран градоначалник да се изложи себеси на ризик и секојдневно да им помага на пациентите да се изборат со оваа болест, но за мене, здравјето на моите сограѓани е секогаш пред се’ и над се’. Се надевам дека со мојот личен пример, ќе охрабри што повеќе медицински лица и од приватното здравство, да го реорганизираат своето време и да помогнат во секојдневната битка за спасување на човечки животи во болницата“, додава Јованоски.

И покрај тоа што Јованоски е во ризичната категорија на граѓани, вели дека воопшто не се двоумел за ваквата одлука.

Свесен сум дека и самиот припаѓам на повозрасната категорија на граѓани, кај кои ризикот да заболат и да развијат посериозни компликации од болеста е поголем. И покрај тоа, одлуката да им се ставам на располагање на колегите лекари во Инфективното одделение, за мене не беше воопшто тешка. Како човек и како лекар, не можам да седам на страна во овие тешки времиња за здравствените лица и за граѓаните на нашиот град. Доколку со мојот ангажам, помогнам да се спаси макар и еден човечки живот, тоа е доволна награда за мене“, смета тој.

За крај, Јованоски порача дека вирусот треба да се сфати сериозно и одговорно да се однесуваме, затоа што како што вели, тоа е единствениот начин за да се заштитиме.

Се’ потешко е да се одржи балансот на излекувани пациенти и прием на новозаразени. Во очекување на вакцината против вирусот, единствениот начин за да се заштитиме себеси и да го заштитиме здравјето на нашите најблиски, е да ги почитуваме пропишаните мерки: да носиме заштитни маски, да одржуваме физичка дистанца и да вршиме редовна дезинфекција на рацете. Затоа, сите ние мораме да се однесуваме крајно сериозно и одговорно во справувањето со пандемијата“, го заврши разговорот Јованоски.

Фото – Фејсбук страница на Илија Јованоски

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости