Приказната за странски служби е противречна, одлучи Врховен и му ја укина пресудата за „шпионажа“ на Звонко Костовски

by fokus 16:09
16:09

На осудениот Звонко Костовски во предметот „Пуч“, кој беше оформен во 2015 година од тогашното јавно обвинителство на чело со Марко Зврлевски, укината му е пресудата за кривичното дело „шпионажа“. Врховниот суд одлучи дека пресудата е нејасна и противречна и го враќа предметот на повторно судење.

По барањето за заштита на законитоста на Специјалното јавно обвинителство, Врховен суд одлучи да го прифати делумно. Според одлуката на судот, барањето на СЈО се прифаќа во делот за кривичното дело „шпионажа“ што му се става на товар на Костовски. Оваа пресуда се укинува, додека пресудата за кривичното дело „неовластено прислушкување и тонско снимање“ се потврдува.

- Advertisements -

Иако СЈО уште пред неколку месеци го повлече обвинението за случајот „Пуч“ со кое првично беше опфатен Костовски, постапката за него се издвои, бидејќи тој се спогоди со обвинителството и призна вина. Сепак СЈО очекуваше дека Врховниот суд ќе ја укине во целост првостепената пресуда.

Според Врховниот суд осовани се наводите содржани во барањето за заштита на законитоста дека со пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје е сторена повреда на законот.

„Пресудата е нејасна и противречна, во неа не се наведени причините за решавачките факти и докази изведени на главната расправа по однос на кривичното дело „шпионажа“, за кое обвинетиот е огласен за виновен“, стои во одлуката.

Врховен понатаму  додава дека пресудата не содржи соодветно образложени причини во делот дека Костовски му ги предавал снимките на Ѓорѓи Лазаревски, со намера тој да и ги предаде на странска држава или организација и дека за тоа добивале паричен надомест.

„Во овој дел пресудата е нејасна и противречна, бидејќи не содржи соодветно образложени причини поради кои обвинетиот З.К. е огласен виновен за помагање во извршување на кривичното дело „шпионажа“ во услови кога не е утврдена кривичната одговорност на обвинетиот Зоран Верушевски кому тој би му помогнал во извршувањето на тоа кривично дело“, велат од Врховен.

 

 

Поврзани новости