ПРИКАЗНА ЗА ЕДНА ПРИКАЗНА

by Fokus

Приказната за Македонија нема свој автор и никој на неа нема авторско право, автор на оваа приказна е самата срж, битие на овој народ, а нејзината срцевина се сите предци, современици и потомци на оваа приказна

Пишува Звонко Давидовиќ

Била еднаш една приказна, завршувала пред својот почеток, и почнувала по својот завршеток. Јунаците во неа влегувале по својата смрт и од неа излегувале пред своето раѓање. Јунаците во неа зборувале за некоја земја, за некое небо, зборувале сешто, но не зборувале за она што и самите не го знаеле, дека се само јунаци од една приказна. Од една приказна, која завршува пред својот почеток и која почнува по својот завршеток. Васко Попа

Била еднаш една приказна за една земја, за еден сон, која ја раскажувале луѓето тивко во ноќите, како што се раскажува предание или легенда, како што тивко се раскажува за нешто битно, интимно и свое, се пренесувала од колено на колено од татко на син, од дедо на внук и ги греела душите и срцата на сите оние што ја слушнале.

ЕДНА ЗЕМЈА КАДЕ ШТО СИ СВОЈ

Со векови се раскажувала приказната за една земја каде што си свој на своето, за едно небо под кое единствено можеш да вирееш и опстоиш како Ти, за едно сонце што нè грее како ниту едно друго. Јунаците на оваа приказна биле обични луѓе со сите доблести и мани и често влегувале во неа по својата смрт, заслужни што приказната наново почнувала и продолжувала и по својот крај што навидум дошол.

Своите животи и сето свое постоење, своите идеи и сништа, јунаците на оваа приказна ги дале и ги положиле за една земја, за едно небо, за едно име. Другите, пак, што себеси се нарекувале јунаци излегувале од приказната и пред своето раѓање, пред своето постоење, како никогаш да не биле.

На илјадници различни јазици се раскажувале и ткаеле приказните за човековата судбина и сето она за што луѓето сонувале, размислувале, посакувале, тежнееле. Минатото и сегашноста се преплетуваат најавувајќи ја и приказната, посакувајќи ја иднината на која ѝ се надевале и ѝ се надеваат луѓето.

ПРИКАЗНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА

Една од таквите приказни е и приказната за Македонија, приказна за една земја за која сонувале десетици генерации што ја ткаеле и плетеле приказната, додавајќи ѝ парче и од својата душа и срце. Приказната за Македонија се раскажувала тивко на јазик, кој бил оспоруван и негиран, забрануван, но кој секогаш го разбирале и го негувале раскажувачите на приказната, без оглед дали биле облечени во црни мантии и носеле крст околу вратот или биле облечени во униформа и носеле реденици и пушка, во костуми и вратоврски, дали ја орале земјата, седеле во училишните клупи или ставале оценки во дневниците.

Сите тие ја пренесувале и ја раскажувале приказната што ја слушале од своите предци и им ја раскажувале на своите потомци, негувајќи го јазикот и мечтата за земјата на која ќе бидат свои на своето, за небото кое го покрива тоа парче земја, за сонцето кое грее како ниту едно друго. Јунаците на оваа приказна влегувале во неа по својата смрт несебично давајќи го највредното нешто – себеси за приказната што се раскажувала од памтивека.

И кога злонамерните помислувале дека приказната завршува, таа допрва почнувала со некои други, нови јунаци на приказната, кои ја боеле со своите дела, душа, крв и коски. Други, пак, кои себеси се сметале за јунаци на оваа приказна, но само на зборови, а со делата ја валкале и ја крателе приказната, излегувале од неа како и да не постоеле, како да не се родиле, како никогаш да не биле.

Приказната за Македонија не почнува сега и овде, не почнува од нас и овие луѓе, таа почнува многу порано, многу пред нас и предците што ние ги паметиме, таа почнува од памтивека, од искона. Крадешкум и тивко се раскажувала низ векови затоа што била забранувана, прогласувана за ерес, но секогаш го наоѓала својот пат до ушите, душата и срцето на своите слушатели, секогаш постоел некој што ќе ја раскаже приказната, ќе ја сочува од заборав, од злите јазици и од тие што сакале да ја избришат. Од колено на колено, од век во век, од предокот на потомокот, приказната патувала, растела и се раскажувала.

Благодарение на нејзините јунаци и раскажувачи, на нејзините слушатели и сонувачи, приказната што се раскажуваше како мит и легенда, како мечта и сон стана јаве и стварност за една генерација. Приказната за која многумина мислеа дека завршува пред и да почне, секогаш наоѓаше начин да почне и по својот крај и од пепел како феникс да се издигне кон небото.

Приказната за Македонија нема свој автор и  никој на неа нема авторско право, автор на оваа приказна е самата срж, битие на овој народ, а нејзината срцевина се сите предци, современици и потомци на оваа приказна. Приказната за Македонија нема свој сопственик и стопан, таа му припаѓа на секој еден што приказната ја слушнал, ја раскажува и ја разбира. Таа е над сите вредности и нема цена, бесценета е, таа не е монета за пазарење, не е политички памфлет, таа не е право што се добива на избори, таа е безвремена и неменлива.

ОВАА ПРИКАЗНА НЕ Е МОЈА…

Честопати во последните децении се случува да личи на приказна што е прекината, приказна што не се раскажува, не се мечтае за неа, приказна што е подзаборавена и е на подразбирање, но секогаш постојат јунаци на оваа приказна, кои наново ја будат и ја раскажуваат, кои себеси се вградуваат во неа несебично, чесно и без каква било корист или очекување.

Оваа приказна не е моја, не е ни твоја, особено не е на политичарите, мешетарите, подлизурковците, арамиите, безрбетниците. Оваа приказна е наша приказна, приказна на нашите родители, на нашите дедовци и баби, на нивните дедовци и баби. Ова е приказна на јунаците од Илинден и Разлог, од Мечкин камен и Карпалак, на јунаците од падините на Грамос, од куќарките на Кукуш и Воден, ова е приказна  која никнува и виори од буквите на Конески, Рацин, Јаневски, Матевски, која ечи од гласот на Проески, Трајанов, Гочева, ја милува душата со звукот на жиците на Стефановски, Џорлев, изникнува од сликите на Чемерски, Коџоман, Личеноски.

Ова е приказна на секој еден човек, кој себеси се нарекува Македонец, кој не заминал некаде, туку останал на ова парче земја и под ова небо.

Поврзани новости