Пријава против Слободанка Алексовска за кражба на хард диск од Агенцијата за вработување

by fokus

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека против Слободанка Алексовска, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, е покрената постапка за кражба на хард диск од Агенцијата за вработување, каде Алексовска беше раководител на Центарот за вработување на Град Скопје. Кражбата била пријавена од новото раководство на Агенцијата.

„Ве известуваме дека од страна Секторот за внатрешни работи Скопје, Единица за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Центар и Бит Пазар е известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Скопје во соработка со кое се преземаат мерки и активности во врска наведениот кривично правен настан за што дополнително ќе бидете известени“, велат од МВР.

Како што изјави претходно новата директорка на Агенцијата, Билјана Јовановска, Алексовска е под суспензија затоа што во време на боледување доаѓала во просториите на Агенцијата и им давала наредби на вработените. Антикорупциска комисија го прифати приговорот на Алексовска за деградирање во период по распишување на избори и наложи да се врати на раководна позиција. Јовановска вели дека решението не може да се спроведе затоа што трае суспензијата која, пак, ја одложува дисциплинската постапка против неа.

 

Поврзани новости