Пријателите за Ристо по четврти пат во Кавадарци

by fokus

На 16-ти април во Галеријата на Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци со почеток од 20 часот ќе се одржи четвртото издание на Меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо“.

Меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо“ е посветена на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол (1957-2015).

На денот на раѓањето на големиот уметник и човек, неговите долгогодишни пријатели, соработници и соборци, со избор дела од неговиот последен работен циклус, со видео материјал од неговиот живот и творење и со музички перформанс на „Jazz All Night Trio“ ќе потсетат на еден величествен уметнички и животен пат. Специјален гостин – уметник на ова издание на „Пријателите за Ристо 2019“ е Елпида Хаџи – Василева, големиот кавадаречки и македонски, а светски уметник.

Елпида – дете на Кавадарци, или како што ја нарекуваат сограѓаните – дете на кавадаречката чаршија, во чест на човекот кој и беше и пријател и соработник се придружува на чествувањето на големиот Ристо Соколов Сокол.

Организатор на Меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо 2019“ е Здружението за алтернативна култура „Алтер Центар“ Кавадарци, во чиј склоп работи неформалната група уметници „Сокол Арт“, а во соработка со Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости