Прибе: И по две години од СЈО никој не е осуден, што создава перцепција на неказнивост

by fokus

Eвропската Унија го објави вториот извештај на експертската група на Прибе во однос на владеењето на правото. Експертската група во јули беше во посета на Македонија. Во извештајот е нотирано дека СЈО мора да продолжи со работа, бидејќи како што е наведено, од суштинско значење е да продолжи кривичното гонење на одговорните за нелегалното прислушување.

-Утврдувањето на кривичната одговорност за нелегалното прислушување е од суштинско значење и мора да продолжи да се спроведува. И покрај критиките, опструкцијата и не-кооперативниот став на широк опсег на клучни институции, вклучувајќи го и обидот на претседателот да ги помилува сите дури и оние кои потенцијално би биле под истрага, СЈО сепак покажува посветеност и компетентност. Сепак, ограничувањата и опструкциите на мандатот на СЈО го покренуваат прашањето за континуитет што е од суштинско значење за обезбедување на кривична одговорност. Постојат различни опции за да се обезбеди овој континуитет. Силна правна основа за ова е неопходна, се вели во најновиот извештај на Прибе.

Експертскиот тим на Прибе забележува и дека судот не постапува ажурно по предметите кои ги добива од СЈО, и дека од вкупно 20 поднесени обвиненија, досега се потврдени само три.

-Надлежниот суд во постапувањето со предметите на СЈО го прекршува барањето за разумен рок од член 6 од ЕКЧП. За некои обвинувања поврзани со многу
чувствителни политички поединци (поднесени на почетокот на 2016 година), судот се чини дека намерно го одложува процесот за одобрување или отфрлање на барањата на СЈО за обвинение, се наведува во извештајот, каде што се додава дека судот покажал и неподготвеност за одредување на мерката притвор.

Прибе забележува и дека досега, иако поминаа две години, никој не е осуден по обвинение на СЈО.

-Вреди да се напомене дека, во оваа фаза, иако поминаа скоро две години откако започна СЈО со работа, никој не е ефикасно осуден, создавајќи перцепција за неказнивост. Од суштинско значење е да се обезбеди кривична одговорност на сите наводни сторители, без оглед на политичката припадност.

Прибе има и забелешки за Законот за СЈО, односно посочува дека кратките рокови за поднесување на обвинение, им ја оневозможува работата на обвинителите.

-Одредбата од член 22 од Законот за СЈО дозволува многу кратко време за истраги од 18 месеци. Ова е сериозна пречка за континуитетот и правдата, вели Прибе, поради што се бара овој спорен член да се усогласи со одредбите на Законот за кривичната постапка.

За да се надмине овој проблем, Прибе дури препорачува СЈО да се припои кон Републичкото јавно обвинителство, како специјализирана единица или одделение.

Поврзани новости