При апсењето на Едмонд Темелко СЈО не го прекршило законот, одлучи Врховниот суд

by fokus

Врховниот суд одлучи дека СЈО не го прекршило законот додека го апселе Едмонд Темелко, градоначалникот на Пустец, а обвинет во случајот Титаник. 

Со пресудата на Врховниот суд е потврдено решението на судијата на претходна постапка од 12 февруари 2016 година, со која беше утврдено дека е законита наредбата на ова Јавно обвинителство за лишување од слобода на Темелко.

Воедно, Врховниот суд најде дека ова Јавно обвинителство е надлежно за конкретниот случај, дека има овластувања да издаде наредба за лишување од слобода, да раководи со предистражна постапка, да ги насочува дејствијата на надлежните органи и дека ја има на располагање правосудската полиција. Исто така, со пресудата се укажува дека е погрешен ставот на Кривичниот совет дека наредба за лишување од слобода може да издаде само надлежен суд, туку прецизира,  дека основно право и должност на јавен обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела и да ги презема потребните мерки и дејствија, имформираат од СЈО.

На 12 февруари 2016 година, по наредба на јавен обвинител на ова Јавно обвинителство, Едмонд Темелко беше лишен од слобода, а од судија на претходна постапка беше побарано да се изрече мерка притвор.

Судијата утврдил дека е законито лишувањето од слобода на Темелко, меѓутоа не изрекол мерка притвор, туку мерка на претпазливост. На ова решение на судијата на претходна постапка одбраната на Темелко поднесе жалба, а Кривичен совет на истиот Суд на 19 февруари 2016 година ја уважи жалбата и го преиначи решението на судијата на претходна постапка утврдувајќи дека е незаконито лишувањето од слобода. По ова од СЈО поднесоа Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, кој одлучи во нивна корист.

Поврзани новости