Презентиран проектот за поддршка на процесот за реформа на правосудството

by fokus 14:40
14:40

Министерот за правда Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир денеска го презентираа проектот „Поддршка на процесот за реформа на правосудството“, што претставува основа за прочистувањето на правосудството.

-Во текот на двегодишната имплементација проектот понуди низа активности реализирани преку обезбедување експертска поддршка на институциите корисници, советување за стратешко и буџетско планирање за Академијата на судии и јавни обвинители, судовите и обвинителствата, обуки за управување во судовите и обвинителствата, работилници, состаноци, конференции, препораки како да се унапредат вештините за управување и како да се зголеми довербата на јавноста, истакна Маричиќ.

- Advertisements -

По примерот на земјите членки на ЕУ, во рамки на проектот беа изготвени и повеќе подзаконски акти, деловници, прирачници, упатства и насоки за извршување на функциите на Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и други правосудни институции.

Маричиќ ја посочи и помошта и поддршката што ја добиле од страна на експертите од проектот и при подготовката на двата клучни стратешки документи што на нашата држава и недостасуваа подолг период, односно Стратегијата за човечки ресурси за судството и Стратегијата за човечки ресурси за обвинителството, што ќе ја обезбедат рамката за потребните човечки ресурси во секторот на планиран, систематизиран и издржан начин.

Како приоритети на кои што Министерството за правда ќе се фокусира оваа година, Маричиќ ги издвои доследна имплементација на моделот за евалуација на судиите и јавните обвинители од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, проектот на ОБСЕ и ЕУ за мониторинг на судски предмети поврзани со висока корупција, односно околу 50 предмети годишно, воведување на дигитализација во секторот на правосудство, поддршка на кадровско зајакнување на судството, зголемување на буџетот на институциите и решавање на прашањето со платите и континуирана имплементација на стратегијата за реформи во правосудствто што треба да биде исполнета и завршена до крајот на оваа година, како и припрема за нова стратегија за 2022 година.

На прашањето која е временската рамка на спроведување на правосудните реформи и на кој начин ќе се гарантира одржливоста на реформите доколку успеат во услови на тенко параламентално мнозинство, особено ако дојде до промена на власта во земјата, Маричиќ истакна дека временската рамка за реформите секогаш е стратегијата.

-Имавме стратегија од 2017 година што трае до крајот на оваа година и ќе имаме и наредната петгодишна рамка од 2022 година до 2027 година. Ние таа петгодишна стратегија ја имплементираме на годишно ниво и во рамките на една година се спроведуваат предвидените приоритети што се дел од законски решенија а дел се други мерки што не се врзани само за законски акти, рече министерот.

Во контекст на тоа посочи дека Собранието секогаш функционира со мнозинство од најмалку 61 пратеник, а во моментов мнозинството брои 62 пратеници. За двотретинските закони се потребни 80 пратеници, а за тие закони секогаш се отвора дијалог. Во однос на клучните закони, како што додаде, ќе се отвори дијалог со опозицијата и со другите политички партии во Собранието.

Поврзани новости