ПРЕЦИЗНОСТ НА ИСКАЗОТ ЗАРАДИ РАСВЕТЛУВАЊЕ НА НЕШТАТА

by Fokus

Пишува проф. д-р Искра Пановска-Димкова од Филолошки факултет „Блаже Конески“

Кога веќе во Годината на Конески, некој решава, и покрај нападите однадвор, кога треба да стоиме обединети, да подгрева и напади однатре, насочени пред сѐ кон разединување на македонистиката, имам уште неколку работи да кажам, заради прецизирање и расветлување на нештата:

1. Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици постои, а и понатаму ќе постои, но некогаш се надевам дека ќе почне конечно да се вика чисто КАТЕДРА ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, и немало и нема никакви обиди за нејзино укинување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во таа смисла, никој не „ретерирал“ (демек ќе се самоукинувавме, ама Коцарев нѐ освести). Не! И кога ќе се види дека Катедрата и натаму си постои и работи како и досега (се надевам во иднина без јужнословенските јазици), со полна пареа, немој некому да му текнало да каже или да помисли дека за тоа е заслужен Коцарев и свитата. Тоа би било спин од најдолен карактер. А кога некогаш Катедрата ќе се вика Катедра по македонски јазик, тогаш на виделина ќе излезе дека овој напад бил единствено во функција на одбрана на статусот на ЈУЖНОСЛОВЕНСКИТЕ ЈАЗИЦИ (или пак на ЈУЖНОСЛОВЕНСКИТЕ КНИЖЕВНОСТИ кај Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности). Патем, за неупатената но загрижена јавност, да бидеме прецизни во изразувањето, катедрата се вика Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици и со таквиот назив од осамостојувањето на Македонија досега е рангирана подолу од, на пример, Катедрата за албански јазик и книжевност, Катедрата за турски јазик и книжевност, Катедрата за германски јазик и книжевност, Катедрата за англиски јазик и книжевност и така натаму, зашто на овие катедри се изучува ЕДЕН јазик и ЕДНА книжевност.

2. Спорната за јавноста Програма за избор на декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, објавена лани ова време, а дури сега измолкната од архивите (?!), оставам деканката самата да ѝ ја образложи на јавноста, нека заздрави од ковидот прво. Но, во програма за декан се даваат структурни идеи, визии – како празна матрица, која потоа детално се полни со податоци, студиски програми, предметни програми, за потоа на неколку наврати да помине низ три тела (одобрување од Катедра, од Деканатска управа, и најважно, на крај одобрување со гласање од страна на Наставно-научниот совет на Факултетот). Структурирањето во оддели е одамна завршена работа на факултетите во светот и во земјите од соседството. Така што дали ќе бидат 5 оддели или не, дали Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици ќе биде една од единиците на Одделот за лингвистика, на пример, или ќе биде една од единиците на одделот Македонистика, ќе дискутира Факултетот, но Катедрата ќе постои како што постоела и досега. Јас лично ќе се залагам за следново: Катедрата за македонски јазик (без делот јужнословенски јазици) заедно со Катедрата за македонска книжевност (без делот јужнословенски книжевности) да му припадне на Одделот за македонистика.

3. Кога сме веќе кај називите, низ медиумите катедрата на којашто работам, најчесто се среќава под називот Катедра за македонски јазик (да се разбереме, и јас го користам тој назив од пуста желба така да се вика оваа Катедра), па Катедра за македонски јазик и книжевност (никогаш немало вакво нешто) и доста ретко се среќава насловена онака како што вистински е: Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици! Е, мене присуството на јужнословенските јазици во Катедрата за македонски јазик ме боли! А никој од напаѓачиве за тоа не се фати, чудна работа… Единствена Катедра сме од бившојугословенските простори каде што сѐ уште македонскиот јазик е паралелно, рамноправно во иста катедра со другите јужнословенски јазици! Значи, на Катедрата за македонски јазик се изучува и студиска програма Српски јазик и Хрватски јазик и Словенечки јазик. Бугарски јазик нема зашто Бугарите не се заинтересирале да дојдат, инаку и тие спаѓаат во Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.

4. И сега доаѓаме до главната болка на јужнословенистите, од каде што и произлезе целата оваа хајка. Со реорганизацијата на Факултетот по оддели, тие, јужнословенистите, ќе мора да одат (КОНЕЧНО, по 30 години од осамостојувањето!) онаму каде што им е местото: во Катедрата за славистика! А нејќат. Таквата промена би се викала: Преместување на јужнословенските јазици онаму каде што им е местото. А јазиците одат со своите книжевности (во нормални држави, се разбира). На пример, на филозофските факултети во Љубљана и во Загреб, македонски јазик и книжевност се изучува на Одделот за словенски јазици и книжевности (пододдел: јужнословенски јазици и книжевности). Таман работа, професорката по македонски јазик или професорката по македонска книжевност во Љубљана да седи на иста маса, во ист оддел, со исто право на глас за словенистиката со професорите по словенечки јазик во Одделот за словенистика! Па, така треба и кај нас: ако на Катедрата по славистика има: Полски јазик и книжевност, Руски јазик и книжевност итн., треба да има и Српски јазик и книжевност, Хрватски јазик и книжевност и Словенечки јазик и книжевност. И тука доаѓаме до главното: професорката Котеска предава Словенечка книжевност! Не сака да се тргне нејзиниот предмет од Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, па ги користи своите врски, во функција на (единствен?) советник на акад. Коцарев да шири полувистини, да дава нецелосни информации за да дојде до нападот до којшто дојде од каде што дојде.

5. Патем, во целиов напад многу чудно е што Катедрата за македонска книжевност и ЈУЖНОСЛОВЕНСКИ КНИЖЕВНОСТИ ем никаде ја нема да се произнесе ем никој не ја ни прозива. Ја повикувам јавноста да види колкав процент на задолжителни предмети има на таа Катедра што се реално од областа македонска книжевност. Еве јас ќе ви кажам: 40 %. Другите 60 % задолжителни предмети опфаќаат: Реализмот и модерната во словенечката книжевност, Реализмот и модерната во хрватската книжевност, Реализмот и модерната во српската книжевност, Реализмот и модерната во бугарската книжевност, Просветителството и романтизмот во словенечката книжевност, Просветителството и романтизмот во бугарската книжевност, Романтизмот во хрватската книжевност, Светска книжевност и така натаму… Загрижените да се јават. Загрижените нека знаат и дека во Хрватска, на пример, Крлежа е предмет што се изучува цел семестар. Овде барем на Конески можеше да му се посвети цел предмет, и тоа не од еден, туку од два семестра, за да се изучува таа феноменална поезија. Но не! И тоа никого не го боли? Е, мене ме боли.

6. И на крајот, кога сме кај Конески, пак и пак на ум ми доаѓа неговата песна „Лажни пророци“. Сите ја користат, но голем дел ја злоупотребуваат! Како може претседател на МАНУ да се загрижи, па да се повлече, па да се радува, па сепак на крај да остане загрижен за наводното укинување на катедрите, за НАВОДНОТО ништење на националниот предзнак на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, а притоа во сопствената институција што ја води, чиешто име така херојски го одбрани, да не се загрижи што нема одделение со предзнакот ’македонски’. Нема одделение за македонски јазик во МАНУ, нема одделение за македонска книжевност во МАНУ, нема професор по македонски јазик редовен член на МАНУ, нема професор од македонска книжевност во МАНУ! Зошто тогаш го бранеше толку предзнакот ’македонска’ да остане во називот Македонска академија на науките и уметностите, кога ниту едно одделение со назив ‘македонски’ внатре нема? И како ова сега да не го видиме и да не го протолкуваме како лажно пророштво од еден лажен пророк?

7. И сосема на крај: кога следниот пат Коцарев или некој друг ќе ја цитира песната „Лажни пророци“ од Блаже Конески, нека има барем трошка доблест и нека ја исцитира како што е во оригинал, без преправки. Барем толку му должиме на Конески. А во оригинал е вака:

            Лажни пророци

Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.

Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!

Прогласувајќи дека нѐ спасува, Коцарев потсвесно или свесно, ги избриша последните четири стиха од песната на Конески и ги замени со сопствени стихови: „Што дека прогласуваат дека нѐ спасуваат!“, па последната строфа, како химера, што би рекол Конески, излезе вака:

Немојте да им верувате!

Тие мислат само на себеси,

Што дека прогласуваат

Дека ве спасуваат!

Јас би рекла – фројдовска грешка!

Ставовите изнесени во овој напис се мои индивидуални ставови и мислења.

 

Поврзани новости