Претседателот ги потпиша законите од петтиот пакет мерки, иако Мицкоски побара да не ги потпишува

by fokus 18:46
18:46

Претседателот, Стево Пендаровски ги потпиша Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Во соопштението од Кабинетот, велат дека претседателот нема надлежност да ја преиспитува уставноста и законитоста на работата на Собранието, за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите и Уставниот суд.

- Advertisements -

-Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е „достоен за функцијата која ја извршува”, нашите граѓани најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години. Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски „не бекнаа” за овие екстремни и многу опасни предлози. На крајот, претседателот Пендаровски апелира до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи. Најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија, соопштија од Кабинетот.

Претходно лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски иако неговите пратеници тврдеа дека единствена нивна цел е да се изгласаат антикризните мерки, го повика Пендаровски да не ги потпишува Указите.

-Претседателе Пендаровски, доста се криеш, бекни нешто. Застани зад правото, законите и Уставот. Тоа што Заев дозволил да биде заложник на Талат Џафери, тоа што пратениците од СДСМ одлучија да бидат слуги на инаетот и фрустрацијата на еден човек, нека биде нивен срам, ти имаш можност барем еднаш да покажеш дека си достоен за функцијата која ја извршуваш и не ги потпишувај законите кои се резултат на оваа седница, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Тој најави дека ќе поднесат кривични пријави, откако кворумот за една од седниците беше обезбеден со присуство на двајца заразени пратеници од владејачкото мнозинство кои гласаа од изолирани кабини.

Поврзани новости