Претходното раководство секој неготинчанец го задолжило со 185 евра: Неготино со долг од 3,5 милиони евра!

by Fokus
Општина Неготино има долг од околу 3,5 милиони евра, наследен од претходното раководство. Ако се земе во предвид фактот што општината има околу 13.000 жители, односно околу 19.000 жители заедно со околните села, се испоставува дека поранешното раководство на ВМРО ДПМНЕ, предводено од поранешниот градоначалник Ванчо Апостолов, на секој жител на Неготино му оставило долг од 185 евра.

И покрај тоа што имаат огромен долг, неготинчани се уште немаат решен проблем со водоснабдувањето, немаат средена патна инфраструктура, породилно одделение, редовно празнење и миење на контејнерите за ѓубре, доволно паркинг простор во централното подрачје, развиена индустрија… Веста за презадолженоста на општината пред регионалните медиуми ја соопшти градоначалникот Тони Делков.

,,Сакам да кажам што е тоа што го наследив како состојба во општината. Граѓаните се интересираат каква е состојбата, зошто се носат мерки на кратење, зошто нема организиран дочек на Новата година, зошто не се исплаќаат дневници за патни трошоци… Граѓаните на општина Неготино треба да знаат каде се трошеле, и каде ќе се трошат нивните пари. Кога дојдов првиот ден во општината, сметката и беше блокирана. Потрошивме месец дена да најдеме начин да ја деблокираме општината, за да почнеме да функционираме нормално. При примопредавањето на функцијата од претходниот градоначалник, мене ми беше доставен извештај во кој стоеше дека долгот на општината е 62 милиони денари и ништо повеќе. Меѓутоа, секој ден пристигаат нови фактури и моменталниот долг на општината е околу 100 милиони денари. Не се исплатени доста обврски кон добавувачи и претходниот совет, не се исплатени средствата за новороденчиња, подигнат е кредит од милион евра, од кој се потрошени околу 28 милиони денари. Тие средства се потрошени за подобрување на водоснабдувањето, но сите знаеме дека општина Неготино и до ден денес, и покрај потрошените средства нема добиено резултат за подобрување на водоснабдувањето’’ – информираше Делков.

Тој додава дека е свесен како граѓаните очекуваат резултати и тврди дека не е овде за да се жали, туку ќе се бори со проблемите.

,,Со домаќинско работење може да се направи подобрување. Знам дека има демотивирани работници во ЈП Комуналец, каде платите доцнат четири месеци, и нормално е по четири месеци без плата да се биде демотивиран за работа. Комуналец е во долгови, општинската гимназија е во долгови, генерално, општината е со долг од 3,5 милиони евра, и тоа е премногу за нашата општина, која годишно има приход од околу еден милион евра, од кој околу 60 проценти се троши на плати’’ – вели градоначалникот.

И покрај наследените долгови, тој најави дека во тек на наредната година ќе се инвестира во уличното осветлување, ќе се променат прозорците во гимназијата и во општинската зграда, ќе се врши реконструкција на Спомен костурницата во градот, ќе се работи на водоводната мрежа, на решавање на проблемот со паркинг места и разни проекти во населените места.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости