Претходниот добитник на лото донираше на семејство со две деца со церебрална парализа: Судбината не можам да им ја сменам, но можам да им олеснам во животот!

by Fokus

Ристе Стефанов – Фито од Неготино, кој е среќниот добитник од наградната игра Ново Лото 7/34 од пред околу еден месец, и кој освои околу 100.000 евра, донираше дел од средствата за помош на семејството Ивановски, кои имаат две деца со дијагностицирана церебрална парализа.

Како мало потсетување, Стефанов, вработен во пекара, а во минатото и продавач на јајца, уплатил 160 денари неколку часа пред извлекувањето, и освои 6 милиони денари.

Фито со своја парична донација се вклучил во акцијата за купување на дигалка за децата, која денес им беше доставена. Покрај него, во акцијата помогнале и од фирмата Медикус хелп, но и од граѓанската иницијатива ,,И јас сум од Неготино’’ и останати хуманисти.

,,Знам дека јас не можам да ја сменам судбината на овие драги луѓе, но ме радува тоа што на некој начин, можам да им помогнам и да им го олеснам секојдневието. Добивката од лотаријата ми дојде неочекувано, и не би можел да ги игнорирам луѓето кои што имаат проблеми и се мачат во животот, без да им помогнам. Лично го познавам семејството Ивановски, мојата помош отиде во прави раце. Од добивката донирав и на други семејства од околните села, кои се наоѓаат во незавидна состојба. Сознанието дека некому сум помогнал, прави да се радувам уште повеќе на среќата која што ми се насмевна во животот. Според мене, колку повеќе даваме, толку побогати стануваме, оти тоа што го носиме во душата е вистинското богатство, и нешто што ќе остане зад секој од нас. Да не спомнуваат по добро, но и сите што се можност да придонесат да станеме едно похумано општество’’ – ни раскажа Стефанов.

,,Фокус’’ разговараше и со Симон Андов од граѓанската иницијатива ,,И јас сум од Неготино’’ кој воедно е и посредник во акцијата. Вели дека се знае со семејството подолг период, и како Стефан и Драгица, децата за кои е наменета дигалката, се негови искрени пријатели.

,, Фамилија Ивановски се петчлено семејство од Неготино во кое живеат Драгица и Стефан кои се со дијагонстицирана целебрална парализа. Во потрага по материјална и психичка поддршка, бројни хумани граѓани ги имат поддржано во сите нивни досегашни предизвици. Јас ја познавам фамилија Ивановски од пред неколку години, Драгица и Стефан се едни од моите најискрени пријатели. Во изминатиот период разговаравме дека на Светлана (мајката) и се влошува здраствената состојба и се отежнуваат дневните обврски околу децата за кои таа е одговорна најголем дел од денот. Фамилијата Ивановски добиле информација за набавување на кран-дигалка која значително ќе им го олесни секојдневното живеење како нив така и на децата. Ова справа ќе им помогне на родителите околу релокацијата на децата од една во друга соба, додека Драгица и Стефан ќе можат посигурно да бидат преместувани од една во друга позиција’’ – раскажува Андов.

Тој додава дека е благодарен на сите кои се вклучиле со своја помош во акцијата, и се надева дека нивниот хуман гест ќе биде мотивација и пример за сите останати граѓани кои се во можност да помогнат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости