Прешова по прозивките од Џaфери: Мојот став дека Собранието може да се состане е аргументиран

by Fokus

Доцентот по уставно право на „Јустинијан Први“ при УКИМ, Денис Прешова, реагира на вечерашниот настап на претседателот на Собранието, Талат Џафери, на ТВ „24 вести“ за, како што вели, да го демантира „целосно селективното и тенденциозното презентирање на аргументите“ што ги изнел на средбата кај претседателот на Републиката.

Прешова во вторникот беше еден од експертите поканети во кабинетот на шефот на државата, кои требаше да понудат правно решение за одложување на изборите откако беше донесена политичка одлука за тоа. Неговата реакција ви ја пренеуваме во целост:

„Вечерва во една од емисиите на една национална телевизија бев прозван поименично и поради тоа сум приморан на овој начин веднаш да реагирам со цел да се демантира целосно селективното и тенденциозното презентирање на аргументите кои ги изнесов на средбата кај претседателот на Републиката. Сметам дека ваквото изнесување на детали од средбата е крајно несоодветно, но приморан сум да реагирам особено што тоа се прави од носител на една од највисоките функции во државата. Поради тоа ќе се ограничам на своите ставови и нема да воопшто да ги коментирам ставовите на останатите учесници на таа средба.

Постојат редица на аргументи зашто сметам дека Собранието може да се состане во воена или вонредна состојба, доколку има услови и можност, и покрај тоа што истото се самораспуштило.

1. Во ниту еден момент не сум отстапил од овој став и тврдење, кој воедно беше изнесен и во претходните ФБ статуси. Ниту пак, сметам дека беа изнесени контраргументи кои би ме навеле да го преиспитам својот став. Впрочем, дури и во неавторизираниот записник од средбата кај претседателот, во кој интервенирав и имам доказ од комплентата коресподенција, беше нотирано следново: „ ДЕНИС ПРЕШОВА: Ставот на Уставниот суд е дека мандатот на пратениците не може да се продолжи по распуштање на Собранието, освен во услови на вонредна и воена состојба. Се оди во насока на продолжување на мандатот и тука треба да внимаваме на член 125 и 126….“ ЗНАЧИ, убеден сум дека Собранието може да се состане во вонреда состојба, ДОКОЛКУ ИМА МОЖНОСТ.

За такво нешто нема никаква пречка во самораспуштањето, туку единствено може да се постави прашањето дали состанувањето на Собранието ќе го загрози здравјето на пратениците доколку не се обезбедат соодветни услови според препораките на Владата. Секако треба да се разгледа можноста за состанување на Собранието „електронски“, како што впрочем беше ратификуван пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на шпанскиот Сенат. Претседателот на Републиката донесе одлука за вонредна состојба и поради тоа веќе не постојат пречки од аспект на самораспуштањето за негово свикување.

2. Јас сум еден од оние што сметаат дека секоја институција има право да го толкува Уставот при негова примена, но единствено авторитативно толкување на Уставот дава Уставниот суд постапувајќи по конкретни предмети. Токму тоа го има направено Уставниот суд во Одлуката У.бр. 104/2016 на која посочив и на самата средба и делови од истата цитирав. Така и претседателот на Собранието има право да го толкува Уставот, но тоа толкување е ограничено со одлуките на Уставниот суд кој веќе се има произнесено по однос на конкретното прашање. Доколку смета поинаку претседателот на Собранието тоа треба да го наведе во акт со кој одбива да свика седница како образложение поради што Собранието не може да се состане. На тој начин ќе имаме акт кој ќе можеме да оспориме евенутално пред Уставен суд и врз основа на кој ќе може да се лоцира евентуалната одговорност.

3. Тврдењето дека Собранието не постои поради тоа што се самораспуштило не само што е неодговорно, туку и опасно. Имено, член 126 став 2 јасно регулира дека единствено Собранието е тоа што одлучува за завршување на вонредната состојба. Доколку претседателот на Собранието опстои на тврдењето дека истото не може да се свика поради самораспуштање, тогаш овој парламентарен состав не може да одлучи за завршување на вонредната состојба. Тоа би го направил наредниот парламентарен состав кој ќе биде избран на избори одржани на вонредни избори кои ќе мора да ги распише Владата со уредба со законска сила(!!!). Ваквото сценарио е неодржливо и исклучително спорно поради повеќе очигледни причини кои мислам дека нема ни потреба да се објаснуваат. Замислете, новиот парламентарен состав прво би требало да се конституира, да избере Комисија за избор и именувања, претседател и потпретседатели, па дури тогаш да одлучи за вонредната состојба.(!) Јас не би сакал ни да замислам.

4. Претседателот на Собранието тврди дека тој има единствено административен капацитет. Доколку е така, тој не само што нема да може да ја свика конститутивната седница на новоизбраниот собраниски состав, туку нема да може да ја изврши својата должност од член 82 став 1 од Уставот. Имено, оваа одредба предвидува дека при спреченост на претседателот на Републиката да ја извршува својата функција, истата ја врши претседателот на Собранието. Иако никој никогаш не би посакал такво нешто, но замислете ситуација во која додека трае вонредната состојба претседателот на Републиката е спречен да ја врши својата функција. Нема да има кој да ја преземе функцијата(!) Дури тогаш се сфаќа какви проблеми може да донесе тврдоглавото опстојување на неодбраниливите ставови на претседателот на Собранието.

5. Нашиот Устав предвидува редица механизми со кои спречува настанување на институционален вакуум во кој нема да имаме институции носители на најзначајните функции во државата. Таква е и гореспоменатата одредба за спреченоста на вршење функција претседател на Република“.

Поврзани новости