Премиерот Заев да го донесе ветениот ред во државата, вели Симеон Атанасов по четири години минати во судниците

by Fokus

Вчера имавме судско рочиште во врска со двата тестаменти кои ги остави Есма Реџепова. За жал и голем срам е што повторно имаме одложување, овојпат за четврти април. Четири години ни поминаа по судови, ова ли е начин да се решаваат проблемите на граѓаните – прашува музичарот Симеон Атанасов, кој беше одгледан од легендарната Есма Реџепова и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски.

За судскиот спор помеѓу внуците од сестри и браќа на Есма, кои ги оспоруваат тестаментите, со кои куќата му ја остава на Министерството за култура со аманет да стане музеј, а авторските права на Симеон, веќе со години наназад се пишува.

Решение никако да се најде, а Атанасов вели дека времето минато во судниците го чини здравје и нерви.
Апелира до премиерот Зоран Заев конечно да се стави ред во судството, бидејќи недозволиво е да се одолговлекуваат судски спорови, и засегнатите со години да немаат мир.

-Aдвокатите на тужителите Реџепови побараа да се стопира целиот процес бидејќи Министерството за култура и после четири години се уште нема донесено одлука дека се нафаќаат да бидат наследници на музејот, како и што е наведено во тестаментот.  Од друга страна тужителите немаат докази во кое крвно сродство се со покојната Есма. Морам да кажам дека ова може да се случи само кај нас, во оваа наша мала Македонија. Ги повикувам уште еднаш надлежните да се преиспитаат, зошто го дозволуваат ова.  Мојот апел е: Премиере Зоран Заев, дозволи им на Есма и Стево Теодосиевски да почиваат во мир! Нивните души нема да се мирни додека не се исполни нивниот аманет, да се отвори музејот, музичко училиште за деца коишто немаат услови, а имаат талент, нивните урни да бидат во тој музеј. Ова се само дел од желбите на Есма и Стево Теодосиевски коишто не можат да се исполнат поради нечии каприци, да земат нешто за што немаат вложено еден грам свој труд – вели Атанасов.

Прашува дали надлежните ќе дозволат куќата наместо да стане музеј, да биде продадена, и трудот на Теодосиевски, но и на децата кои тие ги одгледаа и со кои настапуваа низ целиот свет, да пропадне.

-Јасно ни е дека доколку министерството се откаже од куќата, таа ќе биде продадена за евтини пари. Веќе со години молам надлежните да покажат интерес и ажурност во овој случај, бидејќи со секој изминат ден штетата е се поголема. Внуците на Есма не се ни појавуваат на рочиштата, тие си праќаат адвокат, јас сум по судниците бидејќи ме боли сето ова што се случува и не гледам позитивен излез од состојбата. Премиерот ветуваше дека ќе донесе ред во државата, ред во судството, правда… На правдина, ние здравје изгубивме. Нели заслужија Есма и Стево да почиваат во мир и да не се валка нивниот спомен? Сите сме уморни, не се во прашање денови, туку години. Уште еднаш барам надлежните сериозно да пристапат на решавање на оваа ситуација – порача Атанасов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости