Премиерот согласен да се отвори меѓународна истрага за Диво Насеље, за да не останат неразјаснети дилеми

by fokus

Владата е согласна за случајот во Диво насење, за кој осуммина обвинети беа осудени на доживотна затворска казна, да биде отворена меѓународна истрага. Како што изјави денеска премиерот, Зоран Заев, со истрага во која би биле вклучени надворешни експерти би се разјасниле дилемите и отворени прашања за кои јавноста бара одговори.

-До сега сме имале само информирање на претставници од меѓународната заедница и разговори како би било овозможено да се отвори меѓународна истрага. Ние не сакаме да има дилеми за неразјаснети работи кои се од интерес за граѓаните. Овој случај и тоа како е од интерес на граѓаните на Македонија. Веруваме дека ќе најдеме начин со меѓународната заедница како да се отвори меѓународна истрага за овој случај – изјави Заев.

По однос на предлогот на Дипломатскиот клуб на Македонија, аеродромот „Александар Велики“ да се преименува така што ќе го добие името на првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија, Киро Глигоров, Заев рече дека му се допаѓа идејата.

-Ми се допаѓа предлогот, но јас сум еден од граѓаните на Република Македонија кој има мислење по ова прашање. Сакам да ги слушнам останатите граѓани, нека се развие дебата – рече тој.

Заев одговори и на новинарско прашање за испразнетите места во Владата и рече дека набрзо ќе се најдат кадровски решенија за нивно пополнување. Рече дека немало до сега преговори со ДПА за влез во Владата, но се надева на повеќепартиска соработка во парламентот.

По однос на реакцијата на Руската амбасада во Македонија, а во врска со изјавата на Заев дека е подготвен и на обиди за ликвидација по приемот на Македонија во НАТО, премиерот порача дека останува на ставот за унапредување на соработката со Руската Федерација.

-Македонија нема алтернативи освен ЕУ и НАТО, но тоа не се коси со зголемување на соработката со Руската Федерација. Мојата изјава беше во контекст на реакциите на Русија кога Црна Гора се зачленуваше во НАТО и случувањата во тој период. Дадов коментар за тоа и за мојата лична решеност во исполнување на аспирациите кон НАТО и ЕУ – додаде претседателот на македонската Влада.

Заев нагласи дека Македонија овој период има поголеми шанси од претходно да изнајде решение во спорот за името со Грција. Најави дека наскоро ќе почнат да се раздвижуваат работите и дека стои на располагање за средба на премиерско ниво меѓу двете земји.

Поврзани новости