Премиерот Емил Димитриев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кои поради синоќешното невреме ги прекинаа годишните одмори, попладнево беа во посета на најпогодените подрачја во Скопско, во придружба на министрите за здравство и за труд и социјална политика, Никола Тодоров и Диме Спасов.
Тие информираа за помошта што им се доставува на локалните жители во Стајковци, Економија, Инџиково, Сингелиќ и останатите критични точки.
– Заклучивме да направиме листа на сите потребни артикли веднаш. За таа цел на владина седница формиравме заедничка комисија на министерствата за одбрана, внатрешни работи и труд и социјала, како и Црвениот крст. Се обратија и неколку соседни земји за помош – информира Димитриев.
Груевски сугерираше да се реагира што поскоро за обезбедување повеќе пакети помош, а премиерот Димитриев одговараше на неговите прашања и му реферираше за мерките што ги презела Владата до сега во однос на санирање на последиците од поплавата.