Премиерот да помогне во обновување на Музичката продукција во МРТ, бара диригентот Љупчо Мирковски

by fokus

Музичката продукција на МРТ одамна згасна заедно со Биг Бендот, Народниот оркестар, Оркестарот на народни инструменти и Оркестарот Чалгии како и Хорот, Детскиот хор и Камерниот оркестар и целосен застој во работата на музичките продуценти во празните студија без музичка опрема.

Мене лично тоа многу ме боли со оглед на тоа што сум дел од Музичката продукција од 1978 година. И никогаш не сум бил вработен на друго место како вљубеник во својата работа и целосно музичко производство што е и основна дејност на Музичката продукција. Се обидувам веќе 15 години да ја обновам, но не ми успева – вака го започна своето отворено писмо до премиерот Зоран Заев, познатиот диригент, композитор и поранешен директор на Музичката продукција на МРТ, Љупчо Мирковски.

Тој бара средба со премиерот и се надева дека ќе наиде на разбирање и соработка, со цел да се поправи штетата нанесена врз продукцијата, односно повторно да заживеат оркестрите и издаваштвото.

-Не заради себе, јас имам уште една година до пензионирање, туку за државата и за младите генерации, извонредни музичари инструменталисти, композитори, аранжери кои се спремни да се вработат во МРТ, во Музичката продукција да ја продолжат работата на Драган Ѓаконовски Шпато, на Кире Костов, Илија Пејовски, Александар Џамбазов, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски, Љупчо Константинов, Славе Димитров, Благој Чешларов, Благоја Дескоски, и уште многу други великани на македонската музичка историја.

Јас се уште верувам дека премиерот, Владата и Раководството на МРТ ќе имаат доблест да го прочитаат ова отворено писмо и дека позитивно ќе реагираат. Затоа решив да му напишам јавно на Г-нот Зоран Заев и да го замолам за средба во врска со обновувањето на Музичката продукција на МРТ – објави Мирковски.

Исто така, тој порача да не се меша политиката во неговото барање, бидејќи неговата цел е јасна, да не се дозволи да згасне музичката историја.

Вики Клинчарова

Поврзани новости