ПРЕКУ СТОЈКО

by fokus

Мене, на мнозинството граѓани и особено на етничките Албанци, на кои ваквите политики најмногу им одат на штета, ни е преку Стојко од диктаторски методи со јасни пораки дека смее да царува само едноумието. Пркос, затоа што ќе нѐ снема, можеби не физички, но духовно, сигурно!

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Сите сме запознаени со таканаречените рамковни вработувања, преку кои околу илјада и петстотини наши сограѓани, преку десет години се пријавени како вработени во државната администрација, примаат плата и ги уживаат бенефитите на вработување, во смисла на социјално, здравствено и пензиско осигурување, но не одат на работа.

Партијата ДУИ, промотор на овие политики, многу години нѐ убедуваше дека ова е нужно и нормално, бидејќи тие луѓе долго време немале пристап до државни вработувања. И дотука е во ред. Факт е дека сѐ до 2001 година, етничките Албанци немаа речиси никаков пристап до вработувања во администрацијата, не беа или екстремно ретко беа избирани за судии, обвинители и слично. И статистиката тоа јасно го говори од половина процент Албанци во МВР до еден процент севкупно.

НЕМА СИСТЕМСКА ДИСКРИМИНАЦИЈА

За да се надмине оваа состојба, се воведоа етнички квоти. Колку и да беа дубиозни и евентуално (а времето покажа дека е така) контрапродуктивни, во дадениот момент беа нужни за надминување на системската дискриминација во поглед на вработувањето на државна сметка.

Но, како што одминуваше времето, и две децении подоцна сметам дека ниеден искрен човек во Македонија не смее да констатира дека дискриминација, особено системска, постои наспрема етничките Албанци и ова го велам како, условно речено неутрален – не сум ни Албанец, ни Македонец, ни муслиман, ниту, пак, сум христијанин, иако израснат во христијански дух, и токму затоа сметам дека објективно опсервирам.

Две децении подоцна, ваквиот тип вработувања се контрапродуктивни и парадоксално дискриминаторски и тоа најмногу наспрема самите Албанци. Зошто го тврдам ова? Да, од стотина вработувања во МВР, можеби дваесет и пет ќе бидат Албанци, но ДУИзацијата на овој процес ќе осигури дека тоа ќе бидат партиски активисти, кај кои стручноста и не е баш важна квалификација. И тоа го гледаме на терен секојдневно, не е тајна ниту, пак, ДУИ го крие.

И по дузина години неодење на работа, владата реши да им најде работа на оваа категорија луѓе. Супер идеја, чија реализација оди со тешкотии. Првенствено им се даваат три-четири шанси за различни работни места, каква што привилегија немаат другите вработени, независно од етникумот. Вицепремиерот Артан Груби сметаше дека нема основ овие луѓе да ги избрка од работа, а речиси сите знаат дека согласно Законот за работни односи, трипати последователно неодење на работа претставува потешка дисциплинска повреда за која следи – отказ!

И, ајде, им најдоа некое чаре и направија некој акцизен план за прераспределба, без никаква евиденција за потребите на институциите, стручност на луѓето итн. Арно ама, пазарниот инспекторат да ти го водел човек со интегритет, Стојко Пауновски. Јавно кажа дека дел што се потребни и кадарни, без проблем ќе ги прими, но триесетина што пребирале, а немаат стручна спрема и сакаат исклучиво канцелариска работа, а не и да одат на терен, немал намера да ги прими. Аферим!

ПРКОСОТ Е ОДРАЗ НА ИНТЕГРИТЕТ

Ова наиде на жестока реакција на владата и премиерот, кој најави разрешување на Стојко, бидејќи пркосел. Пркосот е одраз на интегритет, а клатењето глава на полтронството. За неволја на Стојко, од Владата го бараат второто. Стојко си останува на своето и нема проблем да биде разрешен, но не сака да работи спротивно на своите принципи. Нормално, бидејќи партиски кадри што покажуваат интегритет се реткост, ваквиот став наиде на широка поддршка кај народот, но и кај целокупниот инспекторат, каква што ретко кога гледаме.

Затоа на помош на владата, ден-два потоа се единствено владините апологетчиња. Еден од нив, кој сега го води „Курир“ на СДСМ, смета дека Стојко сакал фејсбук-слава. Уау, ингениозно. Човек во години, реализиран, поранешен пратеник, личен пријател со премиерот, ги одржа едни од најдобрите говори во Собранието своевремено, на удобна позиција како прв човек на пазарниот инспекторат, прв човек на СДСМ Тетово, сето тоа го фрла во вода, бидејќи сакал да биде познат на Фејсбук. Џабе сереш, Џабире!

Она што е добро е што сѐ уште имаме вакви луѓе на кои интегритетот и професионалноста им е пред партиските интереси. А, мене, на мнозинството граѓани и особено на етничките Албанци, на кои ваквите политики најмногу им одат на штета, ни е преку Стојко од диктаторски методи со јасни пораки дека смее да царува само едноумието. Пркос, затоа што ќе нѐ снема, можеби не физички, но духовно, сигурно!

Поврзани новости