Преку ноќ му се влоши состојбата, велат лекарите за музичарот Васил Ангов кој ја изгуби битката со Ковид-19

by fokus

Веста дека познатиот музичар од Гевгелија, Васил Ангов (51) ја изгубил битката со корона вирусот, синоќа одекна во Гевгелија, но и пошироко. Музичарот кој со години наназад настапуваше во локали, но и на музички фестивали, познат по својата скромност, но и голема љубов кон музиката, само до пред неколку недели, односно до пред забраната за настапи во живо, пееше во локали во регионот.

За ,,Фокус” доктор Саше Олумчев од ЦЈЗ Гевгелија, појаснува дека Васил починал во приватна клиника во Скопје. Пред тоа се лекувал дома, но откако состојбата не одела на подобро, бил хоспитализиран.

-Васил ја изгуби битката со лошиот вирус во приватната клиника ,,Филип Втори” каде беше префрлен од Инфективна, по желба на семејството.

Поради симптоми на вирусот, тој го направи првиот тест, а негативниот резултат пристигна на деветти октомври. Потоа имаше уште едно тестирање, резултатот повторно беше негативен. Дури третиот тест, покажа дека е позитивен на вирусот – вели докторот.

Додава дека музичарот имал хронична асма, а состојбата преку ноќ му се влошила.

-Се уште ги немаме официјално сите детали околу настанот, но ситуацијата е доста сериозна. Покрај Васил, уште две лица од Гевгелија синоќа ја изгубија битката со корона вирусот, и сите се отприлика на негова возраст. Лошо е, мора да се почитуваат мерките за заштита максимално. Поради некои кои грубо ги кршат мерките и не веруваат во вирусот, еве се случува луѓе кои се чувале, да заминат преку ноќ.

Не е доволно само ризичните групи да носат заштитна маска, мора и тие околу нив, само така заштитата е на повисоко ниво. Гледаме дека во целиот свет се шири вирусот со забрзано темпо, мора да бидеме совесни, да се престане со групирања, со престој во затворен простор без маски. Алармантно е, да сфати јавноста дека вирусот постои – изјави д-р Олумчев.

Васил кој беше популарен по клубските забави на кои настапуваше заедно со неговиот син, зад себе ги остави песните „Оди Адио”, „Кому да го дадам срцето”, „Премногу ти верував”, „Ти си ми сонце” и други.

Естрадата со емотивни објави на социјалните мрежи се простува од него.

Вики Клинчарова

Поврзани новости