Преговори за нова средба на лидерите на двете Кореи

by fokus

Високи претставници на Јужна и Северна Кореја се сретнаа денеска во местото Панмунџом во демилитаризираната зона меѓу двете земји за да договорат датум и место за третата по ред средба на јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Двајцата лидери првпат се сретнаа во април годинава, за потоа да одржат и неформални разговори во текот на мај, на кои се договорија да се сретнат одново во текот на престојнава есен.

Јужнокорејската делегација на средбата е предводена од министерот за обединување Чо Мјунг-гјун, а севернокорејската од раководителот на Комисијата за меѓукорејските односи Ри Сон-гвон.

Севернокорејскиот претставник денешната средба ја оцени како разговори меѓу многу блиски пријатели, меѓу кои не може да се препречи ништо, додека јужнокорејскиот министер нагласи дека дошол со намера на разговорите да бидат постигнати добри резултати.

– Ќе ги сослушаме позициите на Северот за меѓукорејската средба на врвот во текот на оваа есен, за што беше постигнат договор со декларацијата од Панмунџом и ќе ги изнесеме нашите ставови, нагласи Чо пред средбата.

Поврзани новости