Преговарачката рамка треба да помине низ неколку филтри за да и де факто ги почнеме преговорите со ЕУ

by fokus 22:35
22:35

Поминаа 16 години од денот кога ја поднесовме апликацијата за членство во ЕУ, односно во март 2004 година, а годинава во март Советот на ЕУ одлучи дека се подготвени да ги започнат пристапните преговори за прием на Северна Македонија во европското семејство.

Пред еден месец Европската комисија ја усвои и Предлог-преговарачката рамка, која го уредува текот на преговорите. Ова е голем исчекор во започнувањето на преговорите, но претстои уште многу работа.

- Advertising -

Преговарачката рамка треба да помине низ неколку филтри, па таму на есен или на зима, се очекува конечно да се случи и првата меѓувладина конференција. Е дури тогаш, од тој датум можеме да кажеме дека нашата држава и официјално ги почнала преговорите за членство во Унијата.

Значи, главно има три фази во пристапувањето кон ЕУ. Прво, државата се кандидира за членство, второ, започнуваат формалните преговори во кои треба да се исполнат т.н. „Копенхашки критериуми“ и кои откако ќе се исполнат, земјата станува полноправна членка на ЕУ. Почетокот на преговорите е втората фаза до која е стигната нашата земја. Во оваа втора фаза, преговорите не започнуваат додека ЕУ не даде зелено светло со едногласна одлука на Советот на ЕУ, преку преговарачката рамка за земјата-кандидат.

Преговарачката рамка се смета за најважен документ со кој земјите членки ги утврдуваат основните позиции за преговори со кои ја обврзуваат Европската комисија, која ги води технички преговорите во име на земјите членки, да се придржуваат до истите, со обврска за текот и резултатите од преговорите, редовно повратно да ги информира земјите членки. Со преговарачката рамка се дефинира текот, опсегот и структурата, клучните услови кои мора да се прифатат, процедурите и структурите преку кои ќе се одвиваат преговорите до нивното завршување.

Сега, по добивањето на предлог рамката, следниот чекор е што оваа рамка ќе треба да го помине филтерот во КОЕЛА (Комитетот за проширување е тело на Советот на ЕУ задолжено за проширување и преговори) со што ќе влезе во процес на усогласување со сите земји членки.

Потоа ќе мора да помине низ процедурата на КОРЕПЕР (Комитетот на постојаните претставници на земјите членки) пред усвојување од страна на Советот на ЕУ за општи работи, како и потврдување од страна на Европскиот совет.

Оваа процедура се очекува да трае најдоцна до декември, ако се земе искуството на Црна Гора, кога на земјите членки им требаше околу три месеци за да се усогласат. Токму затоа очекувањата се дека рамката ќе биде усвоена на октомврискиот или на декемврискиот самит на ЕУ. Потоа ќе следува и првата меѓувладина конференција.

Меѓувладината конференција го означува де факто отпочнувањето на преговорите за членство во Унијата и отворање на првото поглавје, посветен на владеењето на правото.

Процесот на преговори, во согласност со новата методологија, ќе се води зa триесетина поглавја поделени во 6 кластери – основни вредности, внатрешен пазар, компетитивност, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси и земјоделие и надворешни односи.

В.В.

Поврзани новости