Преглед на денот: Груевски тврди дека бил уценуван, Заев ќе ја активира „бомбата“

by Fokus

Четири лица меѓу кои  лидерот на СДСМ, Зоран Заев се осомничени во новата полициска акција „Пуч“, јави утрово МВР, а објавија провладините медиуми. Според информациите од полицијата, првосомничен е екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски кого полицијата го терети за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери, додека Заев е осомничен дека одреден период го уценувал и му се заканувал на претседателот на владата, Никола Груевски дека располага со документи кои ќе ги објави јавно, ако не се формира техничка влада.

После само неколку часа од прес-конференцијата на МВР, свое обраќање во јавноста имаше и премиерот Никола Груевски. Тој во два часот се обрати од просториите на Илинденска број 2, каде што нагласи дека имал неколку средби со Заев и дека цело време бил под уцени.

– Првата средба беше на негово барање, а следните неколку беа поврзани со првичната тема. Побара од мене итно формирање техничка влада. Ме извести дека преку странска разузнавачка служба добиле снимени телефонски разговори, со претседателот  Иванов, членови на владата, политички и јавни лица од власта и опозицијата, како и медиумите.  Го прашав дали е сигурен дека е навистина странска служба? Тој  ми потврди. Потоа ми пренесе неколку телефонски разговори. Дел беа точни, дел половично точни и дел погрешни. Сепак, со оглед дека некои беа точни тоа даде сериозност на ситуацијата. Уште повеќе кога Заев почна јавно да зборува дека ќе објавел нешто.  Го гледав и слушав како седи пред мене и со каква гордост и возвишеност ме информира дека соработувајќи со странска служба стигнал до материјалите“- тврдеше Груевски.

Сценариото на Заев, Груевски го оцени како обид да се стави целата држава во заложништво.

По обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, со консултации и кроење стратегија почнаа на Бихачка. Во 18 и 30 минути на јавноста и се обрати и Заев, кој потврди дека располага со сериозни документи и дека во најкраток можен рок ќе бидат објавени.

– Илјадници граѓани се снимени и прислушувани од ВМРО-ДПМНЕ. Доказите ги добив од службите под контрола на Груевски. Не сум уценувал, ниту ќе уценувам, но никој нема право да ја сокрие вистината. Ниту јас, ниту СДСМ ги крши Уставот и законите, туку тоа го прави Груевски. Во периодот што следува јавноста ќе биде запознаена со сите докази. Ова е заедничка битка за ослободување на Македонија. Денеска јас не сум меѓу уапсените, затоа што тоа е преголем ризик за нив, а ако мене ме уапсат има тука луѓе кои ќе ја објават „бомбата“ – истакна Заев.

На Бихачка беа присутни сите опозициски лидери и поранешни пратеници на СДСМ.

Пред да почне прес-конференцијата на СДСМ, пред седиштето се собраа поддржувачи на партијата на власт, кои како што тврдеа се собрале спонтано за да се обединат против внатрешните непријатели. Но, не знаеја да одговорат на новинарските прашања, зошто навистина протестираат.

Поврзани новости