Прегазени двајца полицајци, едниот загинал, вториот се бори за живот

by Fokus

Полицискиот службеник В.Ц. загинал во тешката сообраќајна несреќа што се случила рано утрово на патот Куманово – Свети Николе, додека кандидат за полициски службеник е во животна опасност, информираа од МВР.

Според полицијата, инцидентот се случил во близина на крстосницата со населбата Ајдучка Чешма кога патничко моторно возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Ј. (40), удрило во В.Ц. (37) и А.М. (25), кандидат за полициски службеник), кои биле на службена должност.

В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

С.Ј. со возилото „мерцедес“ избегал од местото на настанот, по што на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, во близина на хотел „Сателит“ удрил во патничко моторно возило „шкода“ со кумановски регистерски ознаки, управувано од Н.П. (34).

Возачот на возилото „шкода“ и сопатникот Д.Ј. (42) се здобиле со тешки телесни повреди, а А.Ј. (52) со телесени повреди. Д.Ј. е пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово.

С.Ј. е пренесен во болницата во Куманово, а против истиот во текот на денот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Поврзани новости