АРХИВА Предвремени избори заедно со претседателските за да се спречи враќање на режимот!

by Fokus

Текстот е објавен на 28 декември, 2018 година во неделникот „Фокус“ во двобројот 1212-1213

По изборот на Зоран Заев за претседател на партијата, СДСМ успеа да промени три нешта во политичкиот живот во Македонија.

Првото и најзначајното е што успеа да сруши еден авторитарен режим на избори, или како што рече, со пенкало, односно без насилство. Со тоа ја врати вербата и надежта кај граѓаните дека никој не треба себеси да се замислува за вечен и непроменлив во политиката и дека дури кога се чини оти се слаби изгледите за промена на власта, таа може да биде сменета на избори.

            Второто што го направи Заев со својот тим, е што за својата партија, за првпат во политичката историја, привлече прилично голем број гласови од етничките Албанци. Со тоа покажа дека Македонија не е осудена на секои избори „секој да гласа за партии од својот етнички блок“ и дека е можно етничките партии со мудри политики и со кампања да се трансформираат во граѓански и обединувачки.

И третото што го направи, беше постигнувањето и потпишувањето на договорите за пријателство и соработка со Бугарија и со Грција. Со тоа ја демантираше тезата на македонските националисти дека со тие соседи не е можно постигнување каков било договор без откажување од македонскиот национален идентитет, македонската национална култура, јазикот и историјата.

За еден политичар во Македонија, тоа не е мало постигнување. Но, не е ниту големо, ако истовремено не се изградат политики за зачувување на тие крупни придобивки за македонското општество.

СДСМ – ПАРТИЈА ЗА ЕДНОКРАТНА УПОТРЕБА?

Рака на срце, сето ова не беше постигнато само со храброста и умноста на Заев и на неговиот тим.

Прво, тој ја имаше „среќата“ уште меѓу првиот и вториот круг од изборите во 2014 година да дојде до извонредно дискредитирачки материјали за режимот на Груевски, и почна мошне умно да ги користи за зголемување на незадоволството на граѓаните од власта во Македонија.

            Второ, целата операција на дискредитирање на режимот на Груевски не можеше да се спроведе успешно без силна поддршка од САД и од ЕУ.

И трето, формирањето на владата по изборите не беше можно без силен притисок на САД врз ДУИ конечно да го напуштат својот дотогаш традиционален партнер во власта.

Заев ја имаше на своја страна и глупавоста на заседнатата власт. Таа од декември 2012 година, кога на Црниот понеделник со груба интервенција, без какви било политички последици по неа, ги исфрли пратениците на СДСМ од Собранието, веќе не стравуваше и не се воздржуваше од примена на какво било прикриено или отворено насилство за зачувување на власта. Од инцидентот на караулата во Гошинце на македонско–косовската граница, преку жртвувањето на специјалците во кумановската „Дива населба“, сѐ до судскиот процес „Пуч“ амнестијата на Иванов и конечно, упадот во Собранието со цел да бидат убиени политички лидери на опозицијата, таа влегуваше од грешка во грешка и самата целосно се дискредитираше.

Проблемот на Заев и на СДСМ е во тоа што сите нивни успеси досега, кај голем дел од гласачкото тело не се сметаат за нивна заслуга и за резултат на вистински реформирана и кадровски оспособена партија. Има аналитичари кои сметаат дека Заев и СДСМ само имале среќа да се најадат на вистинското место во вистинското време и дека промените што и се случуваат на Македонија се само дел од подготовките што ги прават САД и ЕУ во земји кои ги подготвуваат за членство во НАТО и во Унијата.

Таквите аналитичари укажуваат на опасноста СДСМ да биде искористен како партија само за еднократна употреба, по што Македонија, дури и како членка на НАТО, би можела да се врати во водите на еден иден авторитарен и корумпиран режим.

СЕ ПОВТОРУВА ЛИ ПЕРИОДОТ ОД 2002 ДО 2006?

Постојат низа аргументи за постоење таква опасност.

Првиот е што на СДСМ еднаш веќе тоа му се има случено. Во 2002 година, по етничките конфликти, кои завршија со потпишување на Охридскиот рамковен договор и со промена на Уставот, СДСМ освои над  497 илјади гласови и направи влада за првпат со ДУИ.

Но, на изборите во 2006 година, ДУИ го освои истиот број гласови од оние во 2002 година, а СДСМ ги изгуби изборите и спадна на само 218 илјади гласови.

Исто како и во тој период, две години по победата на парламентарните избори се одржаа претседателските избори на кои за претседател беше избран лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

За одржување на владејачката коалиција, СДСМ во тој период доследно го имплементираше Охридскиот рамковен договор, го направи новото територијално разграничување на општините и за награда во 2005 година, од ЕУ земјата доби статус на кандидат за членка на ЕУ.

ДУИ во таа владина коалиција не водеше многу сметка за рејтингот на СДСМ како свој прв коалиционен партнер, а опозицијата го крена високо знамето на македонскиот национализам и нејзиниот лидер Груевски изјави дека ако неговата партија ја добие довербата на избори, нема да направи влада со „терористите на Али Ахмети“.

Груевски на изборите во 2006 година освои околу 300 илјади гласови и 45 пратенички места, но направи влада земајќи ги во коалиција Стојан Андов, Тито Петковски и Мендух Тачи. Нему, пак, Али Ахмети му го оспоруваше правото да ја застапува политичката волја на Албанците во владата се до 2008 година, кога по новите предвремени парламентарни избори, поранешниот водач на ОНА состави стабилна влада со Груевски.

Актуелниот период на дејствување на СДСМ во Македонија многу потсетува на периодот од 2002 до 2006 година.

Наспроти себе, СДСМ веќе го има растечкиот македонски национализам поради решавањето на чувствителните прашање со прифаќањето на името „Северна Македонија“ и промената на Уставот, но и поради спроведувањето на „Тиранската платформа“ околу која се обединија сите партии на Албанците во Македонија. Го има наспроти себе и незадоволството од погрешните кадровски решенија, нереализираните ветувања во различни области и случаите на корупција.

Во услови на јакнење на македонскиот национализам и радикализација на некои од етничките партии на Албанците во опозиција, на чиј предизвик ДУИ ќе мора да одговара со слична радикализација, независно од програмата на СДСМ и популарноста на Заев меѓу Албанците, веќе на следните избори може да се случи СДСМ да изгуби дел од поддршката на Албанците.

Тоа е можно, делумно и поради фактот што определен број од тие гласови беа резултат на очекувањата во албанскиот електорат дека заедно со Груевски и ДУИ ќе биде исфрлена од власта. Поради изневерените очекувања од СДСМ тие гласови може лесно да се повлечат кај „неизлезените“ на следните избори или делумно да се вратат како поддршка на ДУИ, а делумно да отидат кај опозиционите партии на Албанците.

ГРОГИРАНА ОПОЗИЦИЈА

Останува прашањето само дали СДСМ ќе ги повтори грешките од периодот меѓу 2002 и 2006 година или ќе одигра поинаку.

Една од основните грешки би можела да му биде, ако Заев како и Црвенковски, на половина мандат од владата се кандидира за претседател на државата. По тој чин, како и во 2004 година, во СДСМ би започнала прво внатрешна битка за лидерство во партијата, а потоа ќе се појави и латентен судир меѓу новиот премиер и претседателот на државата. И следните избори можат да бидат изгубени.

Втора грешка би можела да биде, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, СДСМ да се стави во позиција на уценувана партија од ДУИ при изборот на „консензуален“ кандидат за претседател. Тоа може да значи ниту еден од најзаслужните во сегашната влада за рушењето на режимот со пенкало, за привлекувањето гласови на Албанците во 2016 година и за постигнувањето на договорите со Бугарија и Грција да не може да се кандидира за претседател, за да останела „компактна владата“ и затоа што ДУИ има некои други критеруми и кандидати со кои веќе излегува во јавноста.

И третата грешка би била, ако поради било кои причини и поради било чии барања, СДСМ не ја искористи сегашната грогираност на опозицијата, да добие чист мандат за спроведување на својата програма преку организирање парламентарни и претседателски избори на ист датум, со тоа што, исто како во 2014 година, вториот круг од претседателските избори би се одржал на денот на одржувањето на парламентарните, за да се избегне опасноста од неисполнување на цензусот од 40 отсто излезност, за избор на претседател.

НЕПОМИРЛИВИ СТОЈАЛИШТА

Со кој било заеднички кандидат со ДУИ, СДСМ реално ќе победи на претседателските избори, ако ВМРО-ДПМНЕ не реши да го бојкотира вториот изборен круг. Ако реши да го бојкотира, тогаш тешко дека двете партии ќе извадат повеќе од 660 илјади гласачи на изборите, бидејќи тие претседателски избори ќе бидат еден вид втор референдум за насоката во која сакаме да се движи Македонија. Но, по неуспешни претседателски избори, функцијата претседател на државата до изборот на следниот претседател, според Уставот ќе ја врши сегашниот претседател на Собранието Талат Џафери. А тоа не може да биде од интерес на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, како и да завршат тие избори и кој било кандидат од редовите на сегашното парламентарно мнозинство, на пример, да победи, на владата до крајот на мандатот и останува само уште кус период за спроведување на сите ветени реформи. Мандатот на сегашните пратеници истекува во декември 2020 година, а изборите треба да бидат распишани веќе во октомври 2020 или само 16 месеци по претседателските избори.

Во меѓувреме, по ратификацијата на договорот од страна на Грција, по промената на таблите на институциите, промената на учебниците, по имплементацијата на законот за јазиците и по одржувањето на изборите за европскиот парламент на кои веројатно ќе победи десницата, ќе се засилат националистичките сили и отпори кон сегашната влада, а особено кон политиките на СДСМ.

Во такви услови, ДУИ можеби ќе врати дел од избеганото гласачко тело во своите редови, но СДСМ би можел да остане без можност одново да формира влада. И затоа треба многу добро да се размисли.

Ако претседателските избори се одржат заедно со предвремени парламентарни избори, тие реално ќе бидат нов референдум за граѓаните за нов претседател и нов мандат на владата, со кој ќе се обезбедат промените во Македонија кои се започнати со Шарената револуција и со последните избори или сето постигнато ќе се поништи и Македонија ќе се врати во состојбата од пред промената на власта во 2016 година.

Од најавите на некои кандидати за претседател на опозицијата станува јасно дека тие од новиот претседател и од новата влада очекуваат: поништување на Договорот од Преспа, непотпишување на Законот за јазиците, отворање постапка за судења на сите што со политиката во изминатите години извршиле „национално предавство“ и ги кршеле Уставот и законите. А тоа се две непомирливи стојалишта меѓу кои граѓаните и гласачкото тело конечно треба да се определат и да дадат чист мандат.

Поврзани новости