Предметот за „ТНТ“ нема да се преведува на албански јазик, судијата побара дисциплинска постапка за адвокатите

by fokus

Откако адвокатот Мерџан Даути побара од судот на албански јазик да се преведе целиот предмет за случајот „ТНТ“, судијата Огнен Ставрев испратил известување до Адвокатската комора со барање за дисциплинска постапка, бидејќи според него адвокатот сакал само одолговлекување на постапката.

-Ова е злоупотреба на правото од страна на адвокатите, за одоговлекување на постапката, бидејќи се изведени голем број на докази и таа е во фаза на окончување, рече судијата Ставрев.

Тој посочи дека судењето ќе продолжи во фазата каде што е стигната, а отсега адвокатот ќе добие симултантен превод на рочиштата, но нема да бидат преведени материјалите кои досега биле изведени на околу 40 судски рочишта.

Судијата Ставрев ја известил Адвокатската комора и за постапката на адвокатот Димитар Дангов, кој претходно и беше адвокат на обвинетат Елисавета Најдовска, бидејќи, како што рече, без оправдана причина го откажал полномошното, а со иста цел, односно одоговлекување на постапката.

Од Адвокатската комора го известиле судијата дека ќе се поведе дисциплинска постапка против адвокатите.

Адвокатот Даути во изјава за медиумите истакна дека тој добро го познава македонскиот јазик, но се повикува на Законот за употреба на јазиците и дека му биле прекршени правата што и на денешното рочиште немало повикан преведувач.

За предметот „ТНТ“, обвинет е екс премиерот Никола Груевски, кој според обвинението наредил да му биде уништен со експлозив комплексот „Космос“ на Фиат Цаноски, затоа што во 2011 како лидер на ПЕИ и пратеник ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој предмет обвинети се и Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика, Елизабета Најдовска и други обвинети од Општина Гази Баба.

Валентина Вурмо

Поврзани новости