Предметот за набавката на 19 модуларни болници се уште е во предистрага

by fokus

Наскоро се очекува обвинение за трагедијата во Тетово, откако тетовското обвинителство лоцираше кривична одговнорност за пожарот, кога живи изгореа 14 пациенти болни од Ковид. Во исто време беше отворен предмет и за набавката на модуларните болници низ земјава, од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но овој случај се уште е во предистрага.

-Предметот за кој покажувате интерес се уште е во предистражна постапка и по истиот се постапува во рамките на надлежностите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ни одговорија кусо од Обвинителството.

Овој предмет беше отворен лани во септември, по допрен глас, а постапката е во насока на проверка на спроведувањето и реализацијата на јавните набавки за изградба на модуларните болници во државава.

За таа цел, од Бирото за јавни набавки и Министерството за труд и социјална политика беше одземена севкупната документација поврзана со изградбата на сите 19 модуларни болници.

-Прибраните материјални докази ќе бидат предмет на анализа во насока на утврдување дали документацијата за спроведената јавна набавка соодветствува со техничката документација за овие објекти.
Воедно, согласно своите надлежности Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе преземе и други дејствија за прибирање на докази со цел утврдување на фактичката состојба, појаснуваа од Обвинителството.

Тендерот за изградба на модуларните болници го добија велешката фирма „Брако“ и валандовската „Ари и Том“ по скратена постапка, без претходно објавен оглас. Тие ја добија ваквата „привилегија“ со цел побрзо да се изградат и таму да се сместат пациенти заразени од Ковид 19, со оглед на тоа што сите здравствени капацитети беа преполни.

В.В.

Поврзани новости