Трајанов: Власта сака да се задолжува без транспарентност и дебата

by Фокус 14:02
14:02

За секое задолжување на меѓународниот финансиски пазар, кое надминува 100 милиони евра од вкупниот збир на сите задолжувања во тековната година, наместо владата да одлучува парламентот – ова е сублиматот од предлогот на пратеникот Павле Трајанов за измени на Законот за јавен долг, кој денеска влезе во собраниска процедура, преку матичната парламентарна Комисија за финансирање и буџет.

-Како што сега стојат работите, за секое задолжување на државата преку кредит одлучува парламентот, додека за еврообврзницата одлучува исклучиво владата. Ако кредитите се строго наменски, за одредена јасно дефинирана потреба или проект, тогаш задолжувањата на меѓународниот финансиски пазар од типот на еврообврзницата се без строги критериуми, па единственото образложение се покривање на буџетски потреби. Тоа значи дека средствата ќе се искористат за исплата на плати, пензии, враќање на долгови кон компании и слично. Владата, доколку одлучи, преку парламентарното мнозинство ќе ги турка и ваквите задолжувања дури и да се усвојат законските измени, меѓутоа ќе се зголеми транспрентноста и ќе се развие дебата – вели во изјава за Фокус пратеникот Трајанов.

Во образложението на предлогот за законски измени до парламентот се наведува дека целта на оваа законска интервенција е и намалување на јавниот долг, кој во последниот период драстично се зголемил со цел покривање на заостанати долгови и обврски.

„Договорот од Мастрихт е утврдено дека годишниот буџетски дефицит не треба да изнесува повеќе од 3 отсто, а пак, вкупното задолжување на државите – членките на ЕУ не смее да надмине износ од 60 отсто од БДП. Врвните експертски ставови упатуваат на потребата овој износ за мали и неразвиени економии од типот на РМ да не надминува 40 отсто од БДП и да се става во корелација со учеството на извозот и стапката на раст на БДП. Македонскиот јавен долг моментално достигнува износ од 50,9 отсто од македонскиот БДП, што со оглед на домашните производствени капацитети и стапката на извоз, упатува на сериозна загриженост не само кај оние кои имаат допир со финансово-правното работење, туку и кај пошироката јавност“, стои во образложението.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да го поддржат предлогот, бидејќи, според нив, финансиската транспрентност се задржува преку постапката за усвојување и ребаланс на буџетот, додека опозицискиот СДСМ, во согласност со нивниот став дека дека актуелната владата енормно ја задолжува државата за непродуктивни цели, најави поддршка за предлогот.

В.С.

Поврзани новости