Пречистителна станица и фекална канализација во првата година, ветува кандидатот на СДСМ за градоначалник на Гази Баба

by fokus

По промените на локалните избори, локалната власт предводена од СДСМ има план уште во  првата година да ја реализира пречистителната станица и фекална канализација во Јурумлери, изјави претседателот на ОО СДСМ Гази Баба, Борче Георгиевски, кој е и кандидат за градоначалник на оваа општина.

Тој денеска одржа прес конференција во близина на локацијата каде актуелното раководство на Општината најавуваше изградба на пречестителна станица за фекална канализација.

-Продолжената рака на Никола Груевски, Тони Трајковски ги излажа граѓаните. Овде нема ниту пречистителна станица ниту метар изградено фекална канализација. Недозволиво е во 21-от век жителите на Јурумлери и на околните села да немаат елементарни услови за живот и да живеаат со септички јами кои ја загрозуваат природата, но и здравјето на граѓаните – изјави Георгиевски.

Покрај ветената пречистителна станица и фекална канализација, рече тој, нерелизирано е и ветувањето за изградба на клучката на регионалниот пат од Јурумлери кон Илинден.

-На жителите од Јурумлери лажно од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Трајковски им беше ветувано чистење и одржување на каналите, но ништо од тоа, после секој пороен дожд овие наши сограѓани се со поплавени подруми и домови. Граѓаните на Јурумлери, граѓаните на општина Гази Баба не заслужуваат ваков однос од градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски. За решавање на проблемите во Гази Баба потребни се промени на локалната власт – додаде тој.

Поврзани новости