Празникот Голема Богородица го одбележаа Македонците во Мала Преспа

by fokus 15:03
15:03

Во селото Церје, Македонците од Мала Преспа, по традиција негувана со векови, го одбележаа празникот Успение на Пресвета Богородица.

Иако поголемиот број жители од Церје се иселени сепак за нив и нивните поколенија важи изреката каде и да се за овој голем празник во Церје да се. Секако заедно со нив и жители од повеќе села на Мала Преспа.

- Advertisements -

По боголсужбата, што во црквата „Успение на Пресвета Богордица“, ја одржана отец Ропи Арѓири, одбележувањето продолжи со македонски песни и ора и скромна закуска во црковниот двор.

– Секоја година доаѓам со фамилијата за прослава на овој голем ден кој е селска слава. Поради лошите, речиси никакви услови за живот, повеќето од некогашните жители на селото се иселивме во други градови во Албанија, пред се во Корча, во Македонија и Грција, но секогаш за овој празник сме тука, да се сретнеме,да се видиме  и да се потсетиме на спомените од времето кога селото беше преполно од народ, вели Вангел Плоча, кого маката го натерала да замине за подобар живот во Грција и живее во Лерин.

Присутните посакаа здравје, среќа и бериќет,  а од  Мајката Божја „да ги чува и штити од секакво зло Македонците каде и да се“.

По повод празникот, честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите Македонци од православна вероисповед во Албанија,во Македонија и насекаде во светот упати македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и разгранокот за Голо Брдо.

-Со силата на светото име на мајката Божја во нашите молитви да се помолиме за здравје, љубов и благодет кои ќе донесат мир во нашите семејства и во целиот свет, стои меѓу другото во честитката.

Голем број македонски семејства низ Албанија Денот го одбележуваат како домашна слава.

Поврзани новости