Православните христијани го слават Божик

by fokus

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.

По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:

-Нека годината којашто доаѓа биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, да биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест; нека биде и време на благодарност до здравствените работници, чија саможртва треба да биде за пример.

На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!, стои во дел Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.

Поврзани новости