Право на глас имаат 1.814.644 гласачи

by fokus

Гласањето в недела ќе започне во 7 и ќе трае до 19 часот, а локалните избори ќе бидат спроведени на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Од ДИК соопштија дека вкупно 4.804 набљудувачи ќе го набљудуваат изборниот процес, меѓу кои ќе бидат 339 странски набљудувачи, 280 преведувачи и 3 новинари.

Освен невладината организација „Цивил“ со 191 набљудувач, на листата на домашни набљудувачи е „Мост“ со 2.727 набљудувачи, МЦКР со 6 набљудувачи и „Синергија“ со 1.727 набљудувачи. Што се однесува до странските набљудувачи, со најмногу акредитирани луѓе ќе настапи ОБСЕ/ОДИХР, со вкупно 198 набљудувачи и со 144 преведувачи. Од другите странски набљудувачи, на листата се најдоа и Канцеларијата на НАТО, Комисијата за изборни жалби и приговори од Косово, како и амбасадите на САД, Шведска, Франција, Делегацијата на ЕУ, а со свои набљудувачи ќе биде присутен и Меѓународниот студиски центар за избори. Свои новинари на денот на изборите ќе имаат Руската информативна агенција ТАСС и Агенцијата за вести Косова прес.

На еден ден пред изборите (сабота) гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и лицата во притвор. Според официјалните информации на ДИК, право на глас на претстојните локални избори имаат вкупно 1.814.644 гласачи.

Во изводите од Избирачкиот список, пак, запишани се вкупно 1.735.682 гласачи, 77.071 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 1.882 се на издржување затворска или притворска казна, а 9 гласачи се запишани како внатрешно раселени лица.

На шестите локални избори во Македонија учествуваат кандидати за градоначалници и за советници од 19 политички партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.

Вториот круг од изборите е закажан за две недели подоцна, односно на 29 октомври.

Поврзани новости