Правична застапеност – точка на разидување

by Fokus 13:00
13:00

Позитивната дискриминација, вака како што се спроведува, е политикантска, шверцерска и дискриминаторска во својата суштина, апсурдна и штетна по квалитетот и напредокот на општеството и државата

Ѕвонко ДАВИДОВИЌ

Пред извесно време пишував за позитивната и негативната дискриминација во општеството, и тоа од аспект на националните и државните интереси и нивно преточување во една сеопфатна национална стратегија.

И денешната колумна ќе ја посветам на истата тема, дискриминацијата, особено позитивната, но од аспект на човековите права и градење вистинско граѓанско општество, нешто за што постојано слушаме и за што постојано се зборува и на што божем се посветува големо внимание.

Дискриминација (потекнува од латинскиот збор discriminare – исклучен, одвоен, да се прави разлика) во најшироката смисла на зборот претставува разликување, односно таа како поим означува различно постапување кон поединци или групи граѓани врз основа на фактот што ги определува како „различни“.

Наједноставно кажано, дискриминација е нееднакво постапување кон некоја личност или група поради некое нивно лично својство што за последица има нееднаквост во шансите да остварат права загарантирани со Устав или со закон.

Дискриминација е нееднакво третирање поединци или групи луѓе во еднаква положба, но дискриминација е и еднакво третирање на поединци или групи луѓе што се наоѓаат во нееднаква положба. Со други зборови, дискриминација е нееднакво постапување кон еднаквите и еднакво постапување кон нееднаквите.

МАХЕРИ ЗА ЗАБЕГУВАЊЕ

Нашиот правен систем забранува дискриминација по која било основа, прокламирајќи дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Уставот како највисок правен акт предвидува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви пред законите и Уставот, дека секој има право да учествува во вршење јавна функција, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место итн.

Во Европската конвенција за човекови права исто се забранува секаков вид дискриминација и по која било основа. Истите гаранции ги обезбедува и Универзалната декларација за човекови права на ООН и ја нормира универзалната еднаквост во користењето и уживањето на човековите права во светот, без разлика на расата, бојата, полот, јазикот, религијата, политичкото и друго убедување и други основи.

Начелото на еднаквост се промовира и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, како и Универзалната декларација за човекови права и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.

Но, дали е така во пракса и во секојдневниот живот? Апсолутно не, сведоци сме на едно поинакво „забегување“ и искривување на јасните уставни и законски одредби, како во националното, така и во меѓународното законодавство, за што сме „махери“.

Позитивните законски прописи не прават разлика меѓу позитивната и негативната дискриминација, туку забрануваат секаков вид дискриминација.

Кај нас, кога се зборува за дискриминација, најчесто се мисли на онаа по национална основа и припадност, и покрај тоа што се врши дискриминација и по другите основи, и тоа најчесто според полот, но и според политичкото убедување и определување, зависно кој е на власт.

За последните две ќе пишувам во некоја друга пригода, а сега ќе се задржам на онаа според националната припадност.

ШВЕРЦЕРСКИ И ПОЛИТИКАНТСКИ

Поради многу фактори, особено заради градење општество на национална основа, партии според национална припадност, етнонационалистичките и шовинистички политики на одделни политичари и политички партии во определен период, неградење граѓанско општество со еднакви услови за сите, невладеење на правото и правна држава, гетоизација и дури налудничави идеи за размена на територии, поделбата на западна и источна Македонија и онаа и оваа страна на Вардар, како и млакиот и несоодветен одговор на државата и државните институции на настаните во 2001 година, доведоа до создавање позитивна дискриминација и нејзино воведување во сите сегменти на општественото живеење.

Онака како што се дефинира, применува и спроведува позитивната дискриминација е нееднакво постапување кон еднаквите, а што е апсолутно забрането и спротивно на Уставот. Тоа можеби и не би било така, некогаш воведената позитивна дискриминација, која во суштина значеше еднаква процентуална застапеност на националностите, но пред сè се однесуваше на Албанците, имаше своја цел и времетраење.

Но, вака како што се спроведува е политикантска, шверцерска и дискриминаторска во својата суштина, апсурдна, злоупотребена и штетна по квалитетот и напредокот на општеството и државата.

Истата, како и сè друго кај нас, не е ниту до крај дефинирана и определена, туку е оставена да се спроведува според наоѓање, желба, волја и пазарџиски на политикантите, кои во последните децении управуваат со државата и најчесто им служи за политичко пазарење и поткусурување.

Уставот како највисок правен акт во државата прокламира граѓанско општество на еднакви граѓани со еднакви права, слободи и можности, на кој сите работни места и функции им се под еднакви услови достапни.

ПАРТИСКИ ШЕПИ

Но, во пракса, Уставот максимално се крши, а одговорност за тоа нема, кога при еднакви услови полошиот и понеквалитетниот се прима само затоа што е припадник на националност што не е македонска.

Вакво нешто се случува при секој упис на нови кандидати за судии и обвинители, каде што националностите, особено оние од албанската национална припадност, се примаат со многу послаб успех и знаење од подобро рангираните кандидати, кои имале „несреќа“ да се Македонци.

На ист или сличен начин се постапува и при уписи и приеми на факултети, училишта, истото се случува при вработувањата, но и при делењето на функциите за кој е јавна тајна дека се поделени според национално партиските бои.

Дури ни ова не би било проблем кога од кандидатите по клуч би се барало барем минимум знаење, стручност и квалитет, но тие се кандидати по калауз, па, освен националната, се бара и етнонационална политичка припадност.

Квалитетот, кадарноста, стручноста и другите човечки квалитети се небитни што е една од причините за ваквата состојба и севкупна исполитизираност и заробеност на државата и нејзините институции во партиските шепи.

Принципот на процентуална застапеност на различните етнички заедници во Македонија е идеја која во својата суштина требаше да ја има идејата за градење заедничко мултиетничко општество, во кое ќе учествуваат сите, секаде и која ќе доведе до градење заедништво, живот едни со други, не едни покрај други, и уривање на бариерите и ѕидовите меѓу националностите, а на крај ќе доведе до градење граѓанско општество.

Идејата која беше наметната поради политиканството на определена група на политичари и немање слух и знаење да создадат услови за граѓанско општество, можеше да има некакви позитивни резултати ако се определеше времетраењето и обемот на позитивната дискриминација.

ФЕУДАЛИЗИРАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

По отворањето купишта факултети и универзитети, и тоа повторно по национален клуч и калауз и штанцањето дипломи на кого ќе се стигне, од една страна, и длабоката поделеност на општеството според националната припадност, од друга страна, и корумпираноста на политичарите, желбата за гола власт за сопствени инетереси и добросостојба, со феудализирање на државните институции, со комплетно маргинализирање на државните, општествените, па и национални интереси, од трета страна, доведоа до оваа квази демократија, која преминува и ги има сите елементи на анархија во која страдаат сите граѓани.

Граѓаните страдаат поради вработување нестручни, некомпетентни, неспособни и некадарни национално-партиски кадри вработени по клуч и калауз, кои немаат одговорност пред законот и институциите во кои работат, туку одговараат пред својот лидер од националната партија, која и ги наместила таму каде што се.

Токму тоа им овозможува да се однесуваат неодговорно, непрофесионално и недопирливо затоа што знаат и кој ги поставил таму, што се бара од нив за возврат и кој може да ги смени од тоа место.

Процентуалната застапеност на различните етнички заедници во Македонија, според сите документи вклучително и Рамковниот договор,  генерално се однесуваше на малцинските и јазичните права на националностите и недискриминација.

Суштината на оваа идеја е низ призма на професионалното образование да се постигне процентулана застапеност на етничките заедници и афирмативните мерки да обезбедат природен развој и ефективно постигнување на правото на еднакви можности во споредба со други лица, но афирмативните мерки треба да се јасно дефинирани, временски ограничени и целно насочени.

Никој нема ништо против националностите и секогаш сум се залагал и борел за еднаквост и еднакви права, за градење едно граѓанско модерно општество, во кое нема да биде битно на која националност ѝ припаѓаш, која е твојата религија, боја, пол, имотна или општествена положба, но ова што се прави е далеку од умот и нè води кон уште подлабоки проблеми, кои допрва ќе дојдат за наплата, а нè одалечува светлосни години од градењето граѓанско општество и држава.

 

Поврзани новости