Пратениците законски земале и пари за патарини, одлучи Уставниот суд

by fokus

На денешната седница на Уставен суд се најде и иницијативата поднесена од „Левица“, со која се оспорува една од привилегиите на пратениците, односно дека наводно незаконски земале пари за патарини, и тоа во период од 15 години.

Сепак Уставниот суд одлучи да не поведе постапка, со следното образложение:

– Комисијата за прашањата на изборите и именувањата како постојано работно тело на Собранието надлежно за определувањето на висината на надоместокот на трошоците кои, во согласност со прописите им се признаваат на пратениците, е надлежен орган за донесување на оспорената одлука;

– Правото кое пратениците го имаат на надомест за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и висината на овој надомест, се утврдени со Законот за пратениците. Со оспорената одлука се разработуваат условите за остварување на ова право, односно се прецизираат случаите кога се смета дека возилото се користи за службени цели;

– Оспорените точки 3 и 4 од Одлуката се во согласност со Законот за јавните патишта и со нив изворно  не се утврдува право на пратениците

-Станува збор за правно прашање, по кое веќе Судот претходно расправал и зазел став во предметот У.бр.85/2006, при што предмет на оцена била иста одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, при што истиот став беше прифатен и во овој предмет, велат од Уставниот суд.

Во иницијативата поднесена од Левица пак се наведува дека ваквата привилегија се коси со неколку законски одредби од Законот за пратеници и Законот за Собранието. Таму прецизно се наведени финансиските привилегии на народните избраници, меѓу кои не се споменати трошоци за патарини.

Дополнителната привилегија за добивање и на трошоци за патарините е донесена на 3 октомври 2006 година, од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со назив „Одлука за висината на надоместоците на пратениците за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина“.

Според Левица, Собранието, односно комисијата, со носењето на ваквата одлука направила злоупотреба.

„Со носење на оспорената комисиска одлука, донесена на седница на кадровско работно тело составено од само 13 пратеници, кое без никаков уставен основ излегува од рамките дадени со Уставот, како највисок и врвен правен акт во Репубиката (lex superioris), предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина кој воопшто не е ниту уставно, ниту законски предвиден – прави класично ultra vires проширување на правата на пратениците и врши каприциозна и дрска злоупотреба на сопствената материјална надлежност“, се појаснува во иницијативата.

Се додава и дека нема простор за никаква можна интервенција преку подзаконски правен акт во сферата на трудовото и парламентарното право, со кој малициозно би се дерогирал или изместувал постојниот јавно-правен поредок, утврден со националната легислатива, но и со ратификуваните меѓународни договори. Можело да биде поинаку уредено, но не е.

Валентина Вурмо

Поврзани новости