Пратениците кои ќе се вклучат онлајн за Велигден да имаат бојадисано јајце пред камера – амандман за новиот Деловник

by fokus

За време на велигденските празници, пратениците кои ќе учествуваат во работата на Собранието од далечина, да имаат бојадисано јајце пред камера.

Ова е еден од илјадниците амандмани кои ги поднеле пратеници од опозициската Левица на предлог измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Собранието.

Меѓу нив, како што обелодени координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески имало и такви во кои се барало пратениците кои учествуваат во работата од далечина да не смеат да носат облека со обележја на автомеханичарски салони и месарници, да не смеат да носат џемпери затоа што тоа било навреда за Собранието.

-Замислете до каде оди оваа дрскост. Пратениците кои се борат со вирусот, пратениците кои се во изолација поради позитивни членови на нивните семејства, кои не знаат дали ќе го победат вирусот, кога ќе бидат приклучени онлајн да покажат бојадисано јајце. Ова не само што е потсмевање кон пратениците кои се соочуваат со коронавирусот, ова е и поигрување со чувствата на верниците, рече Митрески.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак вели дека овие амандмани  не се поднесени од нивните пратеници.

-Нашите амандмани коишто се поднесени претставуваат реакција на она што власта го прави и демонстрира во Собранието. Овие амандмани се наш одговор на нивното непочитување на опозицијата, неуставноста, избегнувањето на дијалогот и пронаоѓањето консензус во врска со ова законско решение за измена на Деловникот. Оттука, ние како пратеници ги прашуваме колегите од СДСМ, дали е штетно, неодговорно и несериозно нивното однесување кога во текот на вчерашниот ден, на Комисијата за финансирање и буџет, го одбија нашиот амандман за бесплатно тестирање за ковид на сите граѓани на Република Македонија? Ова е класичен доказ кој работи против интересите и на штета на здравјето на граѓаните, а кој искрено се грижи и бори за нив во овие тешки мигови, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алтернатива и Алијанса на Албанците поднесоа над 3.000 амандмани за предлог дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието, кои, според Митрески, се со единствена цел – блокада на работата на законодавниот дом.

Поврзани новости